ВМРО-ДПМНЕ: Апсењето на Боки 13 е само дел од рекетарската приказна на власта


Фото: Б. Грданоски

Апсењето на Боки 13 е само дел од рекетарската приказна на власта, велат во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму повикуваат исто така да се обзнани кои се т.н. „Кики” и „Фрики” од рекетарските приказни објавени во медиумите и кој е јавниот обвинител за кого се зборува дека соработувал со нив.

„Тие што имаа среќа да не го почувствуваат на своја кожа рекетот на власта, читаа како функционери на СДСМ блиски до Заев заедно со медиумски сопственик се заканувале на фирми и бизнисмени дека доколку не ја платат побараната сума, утре може да ги снајде некое злодело“, се наведува во партиското соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ во овој случај станува збор за институционален криминал кој што невозможно е да бил спроведуван без знаење на, како што се вели, аболицираниот криминалец Зоран Заев.

„Впрочем и самиот Заев призна дека не само што знае за рекетарската сага, туку дека знае и кои лица се кријат позади псевдонимите. Заев и неговите најблиски соработници не смее да бидат амнестирани. Истрагата мора да продолжи и целата разврска да резултира со одговорност за сите ликови од оваа рекетарска и криминална банда вклучително и функционерите од владата и СДСМ“, повикуваат од опозициската партија од каде додаваат дека СДСМ и Зоран Заев мора што поскоро да си заминат за да се врати владеењето на правото и законите во Република Македонија.