ВМРО-ДПМНЕ активна на терен: Мицкоски од Ресен најави предизборна програма за решавање на сите проблеми на граѓаните


Македонија економски тигар на Балканот, фер и честита политика за земјоделците, достоинствен образовен систем и пензионерски живот, враќање на рамниот данок, укинување на акцизата од три денари за дизелот, како и враќање на македонизмот во Македонија и секаде во светот се основните ПОСТУЛАТИ врз кои ќе биде заснована предизборната програма на ВМРО – ДПМНЕ, најави вечерва од Ресен лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Пред присутните вети дека програмата ќе ја прави заедно со граѓаните, оти ќе ги слушне нивните барања, потреби и ќе се обврзе за нивно решавање.

– ВМРО – ДПМНЕ во периодот што следи ќе понуди комплетно нови политики, кои ќе значат решение за сите проблеми, за оние што ќе можеме да ги решиме. За она што неможеме да го решиме ќе кажеме честито, чесно и отворено: луѓе ние неможеме ова да го решиме поради тие и тие причини. За тоа што ќе ни треба повеќе време ќе кажеме за што ни треба повеќе за што помалку. Ќе мора да бидеме потрпеливи, ќе има решение и за тој проблем. Сакаме отворно често и честито да работиме, без да се затвараме во сали да ги слушнеме маките на граѓаните и да покажеме дека Македонија може поинаку, дека има сила за поинаку, има кадар и капацитет и дека Македонија, Македонскиот народ, но и останатите народи во земјава тоа го заслужуваат, рече Мицкоски.

Основните проблеми што ги мачат граѓаните ширум Македонија, според него, се сиромаштијата и беспарицата.

– Но, најмногу од се е тоа што граѓаните во нашата татковина ја загубија надежта за подобра иднина за перспектива. Убедени се во бесперспективноста и луѓето, а посебно младите одлучуваат да ги спакуваат куферите да ја напуштат Македонија и да ја градат својата иднина некаде далеку во Европа или во преку океанските земји. Секојдневно некој наш сосед, пријател не напушта и заминува поради нереализираните очекувања и неисполнети ветувања, додаде лидерот на опозицијата во обраќањето пред ресенчани во рамки на кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“.

Говорејќи за новиот партиски концепт тој се осврна дека се подготвени да ги слупнат аргументите онаму каде што партијата погрешила во минатото и доколку е така да побараат прошка, а добрите потики да ги надградат и прошират, но и оти  ќе понудат и нов концепт за функционирање на државата. Во своето обраќање не изостави да ја критикува политиката на власта и лидерот Зоран Заев, потсетувајќи на неговите ветувања за загарантиран откуп и повисоки цени за преспанското јаболко, што, забележа дека во пракса не е така и оти состојбата цената со откупот на јаболката од минатата реколта биле многу лоши. Мицкоски потсети и на случаите „Рекет 1“ и „Рекет 2“, а најави и нивно продолжување.

– Помина времето на арамиите и на октопод политичарите. Заврши времето на измамниците. Доаѓа времето на луѓето кои ќе бидат отчетни, ќе бидат меѓу народот и ќе поднесат вистинска одговорност за грешките што ќе ги направат, рече Мицкоски.

Упати порака и до останатите етнички заедници во земјава и побара поддрша на, како што рече претстојните предвремени парламентарни избори, нагласувајќи, дека ова е заедничка држава и сите заеднички треба да ја сакаме.

– Вие сте наши соседи, пријатели, браќа, сестри. Тука сме се родиле заедно ги споделиваме истите маки, претпоставувам тука заедно ќе ги завршиме нашите животи. Затоа подржете ги честитите политичари. Подржете го ВМРО – ДПМНЕ и сите оние кои нудат развој и родољубие поддржани на вистинска основа. Оставете ги овие што ве лажат и сами тргуваат со вашите гласови, додаде Мицкоски.

Убеден е дека на следните предвремени парламентарни избори победата на ВМРО – ДПМНЕ ќе биде голема, а со тоа ќе дојде обрската, но и резултатите, и оти тогаш ќе докажат дека можело поинаку и дека Македонија и македнскиот народ заслужуваат подобро.