ВМРО доби нова шанса да се откаже од Груевски


ВМРО-ДПМНЕ сè уште се двоуми како да постапи при повторното гласање за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски поради тоа што повеќе од шест месеци неоправдано е отсутен од работа. Новата шанса што најголемата опозициска партија ја доби да се откаже од наследството на поранешниот премиер ги стави во ситуација да размислува што да прави.

„Најпрво да почекаме да биде закажана седницата, а потоа ќе имаме координација со пратеничката група и со раководството на партијата, па ќе донесеме конечен став“, вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во партијата постојат размислувања дека мандатот на Груевски, доколку се гледа од правен аспект, треба да му биде одземен, но од друга страна сметаат дека власта ја дефокусира расправата од реалните проблеми. Таму се уверени оти пресудата против Груевски за набавката на луксузниот „мерцедес“ за потребите на МВР е чист политички прогон, што на експремиерот му беше главно оправдување за бегството во Унгарија.

Собранискиот спикер Талат Џафери завчера испрати допис до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со кој ја извести дека Груевски неоправдано бил отсутен од собраниски седници повеќе од половина година.

Според Деловникот, Комисијата од денот на добивање на известувањето од собранискиот спикер има рок од 15 дена да поднесе предлог за одземање на мандатот. Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, потврди дека седницата ќе се одржи в понеделник. По предлогот на Комисијата, Собранието води претрес на првата наредна седница, а за да му биде одземен пратеничкиот мандат на Груевски „за“ треба да гласаат 80 пратеници.

Тоа што му дава нов момент на целиот случај е што Богоевски сега е погоден со најновата телефонска „бомба“, поради што ВМРО-ДПМНЕ планира да побара негова политичка одговорност.

„Ќе почекаме еден-два дена да видиме дали и како институциите ќе си ја вршат работата“, посочува Мицевски.

Ова ќе биде втор обид на бегалецот Груевски да му се прекине можноста да прима пари на име на пратеничка плата од џебот на граѓаните. Во ноември минатата година, неколку дена по бегството во Унгарија, Собранието не му го одзеде мандатот. За предлогот на Комисијата, која заклучи дека со двегодишната затворска казна за набавка на скапиот „мерцедес“, тој е недостоен за извршување на пратеничката функција, гласаа 58 пратеници, а 27 беа против.

По заминувањето на Груевски од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ, но беше прогласен за нејзин почесен претседател, партијата никогаш јавно не се огради од неговите политики, иако општо зборуваат за „наши грешки во владеењето поради што и бевме казнети“. Новиот претседател, Христијан Мицкоски вели дека нема контакти со Груевски и оти тој на ниту еден начин не влијаел врз политиките на партијата.

Реформското и фракционерското крило на ВМРО-ДПМНЕ, како и дел од јавноста, им укажува на челните луѓе дека партијата не може да се врати на власт, односно да ги придобие гласовите на неутралните, па и на Албанците сè додека не стави ограда врз стилот и начинот на кој власта ја практикуваа братучедите Груевски и Мијалков. Вториот веќе е избркан од партијата со образложение дека помагал да се направи пресврт во Собранието при гласањето за договорот за името.

Горан Адамовски