Влијанието на Ковид-19 пандемијата врз социјалните права – фокус на новиот Извештај на Агенцијата за темелните права на ЕУ
Влијанието на Ковид-19 пандемијата врз социјалните права е главниот тематски фокус на Годишниот извештај за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија за 2022 година што денеска во Скопје, го презентираше Институтот за европска политика (ЕПИ).
Како дел од ФРАНЕТ, ЕПИ трета година по ред го изработува придонесот за Северна Македонија кон годишниот извештај за темелни права на Агенцијата како национална истражувачка организација на оваа Агенција во контекст на нејзината работа во сите 27 земји членки плус дел од земјите кандидати во кои што е и Северна Македонија.
– На настанот дел од авторките односно клучните експерти ќе ги презентираат наодите по дел од различните човекови права вклучително антидискриминација, заштита на Ромите, права на луѓе со попреченост, состојбата со азилот и правата на децата. Ќе се осврнеме на она што беа клучните предизвици во 2021 година, пред се тоа е влијанието на Ковид, мерките коишто едноставно ќе ги чувствуваме долг период. Ние во првиот наш извештај во 2019 година видовме доста голем пробив во однос на човековите права, меѓутоа дел од овие позитивни чекори во 2020 како резултат на Ковид беа занемарени, односно се вративме наназад, изјави Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ.
Таа нагласи дека клучните позитивни ефекти од Извештајот од 2021 година се однесуваат на функционирањето на Комисијата за заштита од дискриминација, на носењето на новата државна стратегија за Ромите која што е веќе етаблиран документ во нашата земја.
– Но, една од најголемата грижа во извештајот сепак ни претставува инклузијата на луѓето со попреченост. Тука особено повторно би ја спомнала состојбата со Ковид и ефектот којшто го имаше Ковид врз бројните инструменти за инклузија коишто се однесуваат и на вклученост во образованието, мерливост на тоа како мерките коишто Владата ги донесе влијаат врз луѓето со попреченост итн., вели Кацарска во изјава за медиумите, подвлече Кацарска.
Настанот е во рамките на поддршката која ЕПИ ја добива од бранителите на граѓански права, а учествува и замнеик министерот за правда Агим Нухиу како претставник на Министерството за правда кое е клучната институција која е контакт со Агенцијата за основни човекови права на ЕУ.
Покрај презентацијата на наодите, панелистите и панелистките ќе дискутираат и за главниот тематски фокус на овој Извештај – влијанието на Ковид-19 пандемијата врз социјалните права.