Влез во кафеани, обложувалници, молови… само со ковид сертификат, ќе дадат ли построгите мерки резултат
Во услови кога лицата заболени од Ковид-19 рапидно се зголемува (вчера според информациите на Министерството за здравство бројот на активни случаи достигна 6.734, а беа регистрирани и 999 новозаразени), Владата донесе нови построги мерки за влегување во угостителските објекти, моловите, обложувалницие, кои стапуваатт во сила веќе од днеск. Од 1 септември, односно за помалку од две недели, за влез во земјава ќе биде неопходно приложување на ковид сертификат, односно доказ за вакцинација, за прележаана болест или пак, негативен ПЦР тест.
Она што најмногу ќе ги засегне во секторот угостителство, секако се новите построги мерки, кои се во спротивна насока од барањата на угостителите. Така, како што соопшти вчера Владата, од денеска за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД – 19 или сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително ќе се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД – 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Исто така, како што се вели во владиното соопштение, останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД – 19 документи.
Угостителите не беа задоволни ниту со претходните мерки, кои овозможуваа во објектите со капацитет до 30 лица да се влегува без ковид серификат. Од овој сектор се жалеа дека мерките се неприменливи, а од Независната угосстителска комора (НУК) дури побараа од Владата целосно и безусловно да ја укине одлуката за забранет влез на невакцинирани во угостителските објекти, посочувајќи дека таа е условена и неспроведлива и дека е неприфатлива и за многу граѓани кои излегоа на протест.
Но, очигледно, драстично влошената ситуација со Ковид-9 кај нас, која од ден во ден ескалира како со бројот на новозаразени, така и со починати лица, претежнаа за да се донесат ретриктивните мерки врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести.
Истовремено, од Министерството за здравство потенцираат дека вакцинацијата е единствен начин да постигнеме колективен имунитет, мерките кои се практикуваат не се никаква дискриминација, туку се неопходни за да се заштити јавното здравје.
На вакцинираните граѓани на располагање им се ставени повеќе опции со кои може лесно да стигнат до документ дека се вакцинирани.
Потврдата за прележан Ковид 19, може да ја извадат единствено граѓани кои се заведени во Институтот за јавно здравје дека биле заразени со вирусот, а потврди освен на vakcinacija.mk, може да извадат и кај својот матичен лекар.
Националниот сертификат за вакцинација, исто така може да го извадат од сопствениот профил на веб страницата vakcinacija.mk, а сличен е принципот и за вадење на CommonPass, за кој има и мобилна апликација, а со која исто така може да влезат во објектите опфатени со мерките, информираат од Министерството и ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат. (Н.В.)