Влеговме во ерата на „мицковизмот“
Преку постапките на носителите на извршната власт во Собранието и со начинот на кој се обраќаат на јавноста, со заканите и сеење страв, со притисоците врз целиот правосуден систем, врз медиумите и врз синдикатите, недвојбено е дека Македонија влезе во период на авторитарен систем со пожестока страховлада од деценијата на „груевизмот“
Кога пратеник на седница на Собранието го праша премиерот Христијан Мицкоски врз која основа јавно се заканува дека „ќе ги влече за уши“ обвинетите за криминал, Мицкоски му довикна – „според мој закон“. Нашиот крал Сонце ги достигна царските височини кога во парламентот ги извика овие три збора.
Премиере, недостасуваше да замените само еден збор, па да се прогласите за Луј 14 на 21. век. Дали сте свесен што му дофрливте на пратеник во Собранието и на јавноста кога арогантно ги изговоривте овие три страшни зборчиња: „според мој закон“. Тоа не е ништо поразлично од „државата тоа сум јас“. Ако бевте испровоциран дотаму, имаше доволно време да се извините, или пак навистина сметате дека по вашиот закон треба да работите.
Jас, па јас, се зборови кои премиерот Мицкоски во манир на кафеански чалам најчесто ги употребува. Тоа многу кажува за личноста која ја има најодговорната функција во државата.
Еден друг пратеник, претседател на политичка партија, постави неколку прашања и изнесе повеќе констатации на кои ништо не му одговори премиерот, туку го обвини дека купил деловен простор за партијата по повластени цени, притоа презентирајќи фотографии и документи очигледно подготвени како одговор на веќе очекувани прашања од пратеникот.
Што беше толку страшно што премиерот го прескокна одговорот. Најверојатно е дека таквата арогантна реакција е поради најавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека ќе поднесе кривична пријава за оддавање на службена тајна и попречување на правдата, бидејќи на прес-конференција премиерот Мицкоски ја објави лажната лиценца на клубот „Пулс“ во Кочани каде животите ги изгубија 61 луѓе.
По тоа уследи уште една во низата големи бруки во провладините медиуми кога без да ги објават прашањата на пратеникот се објави само одговорот на премиерот како главна вест, која нема врска со тоа што праша пратеникот Апасиев. Или пак има врска со цената на деловниот простор во „белата палата“ на ВМРО ДПМНЕ која не е по повластена цена, туку џабалак. Импозантен споменик на македонската корупција.
По 34 години македонска „парламентарна“ демократија премиерот, министрите, пратениците и јавноста веќе би морало да знаат што значи кога премиер и министри напаѓаат народни избраници и се закануваат со кривични пријави наместо да одговорат на пратенички прашања. Тоа е срамен однос кон највисокиот законодавен дом и кон јавноста, тоа е деградација на парламентарната демократија. Тоа е заробена држава, каква што имавме цели 11 години во време на ерата на „груевизмот“.
Уште колку луѓе треба да умрат
Преку постапките на носителите на извршната власт во Собранието и со начинот на кој се обраќаат на јавноста, со заканите и сеење страв, со притисоците врз целиот правосуден систем, врз медиумите и врз синдикатите, недвојбено е дека Македонија влезе во период на авторитарен систем со пожестока страховлада од деценијата на „груевизмот“. За само девет месеци е инсталирана нова ера на „мицковизам“.
Еве уште неколку прашања и факти кои го потврдуваат тоа, на кои сѐ уште нема одговор, иако повеќепати се поставени јавно. Уште колку луѓе треба да умрат од пожарот во кочанската штала за премиерот да почувствува морална одговорност и да си поднесе оставка. Моралната оставка не се однесува на директна вина. Таа по вакви големи трагедии поради незаконско работење и без потребната превентива е неопходна во демократските држави за да се обезбеди непристрасна истрага.
Досегашните јавни обвинувања од носители на власта, вклучувајќи го премиерот и министерот за внатрешни работи, не само што наштетуваат на истрагата, туку се и директен притисок врз правосудниот систем.
Како се случи судиите и обвинителите со два отсто довераба во јавноста, да стекнат преку ноќ стопроцентна доверба дека успешно и неселективо ќе ја водат истрагата и судските процеси. Дали е во прашање „пазар“ со јавниот обвинител од кој до вчера се бараше оставка. Или сега „довербата“ во јавниот обвинител е времено замрзната во зависност како ќе се откриваат и судат виновниците според законот на премиерот Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ.
Колку проценти доверба во Владата и премиерот се потребни за да се поднесат оставки. Дали се доволни само 10, 15,20 проценти поддршка на владата за да се применат истите критериуми како за правосудниот систем. Или ќе чекаме таа да стаса до два проценти.
Зошто не се спречи трагедијата во Кочани
Еве уште едно клучно, најзначајно, прашање на кое премиерот ниту еднаш не даде одговор, туку ја сврти работата во негов веќе лесно препознатлив стил на популизам. Тоа гласи: дали трагедијата во Кочани можеше да биде спречена ако функционираа институциите на системот за кои е надлежна Владата и нејзините институции по девет месеци и на општините безмалку по четири години на власт. На тоа, наместо јасен одговор се повторува по стопати дневно дека ќе се апсат неселективно наназад 30 години сите виновници за сите големи несреќи што се случиле во Македонија. Класична релативизација на кочанската трагедија.
На јавноста и се сервираат приказни за лиценци, за корупција, за сѐ што нема врска со фактот зошто не се спречи најголемата трагедија во Македонија, бидејќи, не само таа вечер, имаше повеќе груби прекршувања на законите во кочанското огнено „кабаре“.
Како тоа поранешни началници на полицијата се уапсени, а министерот за внатрешни работи не чувствува ни морална одговорност за експресно да даде неотповиклива оставка. Врз која законска основа се заканите на власта врз медиумите да не се објавуваат снимки и извештаи од траорните настани и погребите под закрила да не се политизира трагедијата, па тоа да го дознаваме од странски медиуми.
Познати се одговорите на сите овие прашања. Еден ден ќе ги дознае и пошироката јавност. Преплашена е власта, бидејќи трагедијата можеше да биде спречена ако се почитуваа законите на државата, а не законот на Мицкоски.
Дали заради тоа и заради многу други работи Владата ќе ги оценува медиумите што и како ќе објавуваат. Загрижувачки е медиумскиот мрак по објавениот тендер на Владата да ангажира фирма која ќе изработи софтвер за оцена на медиумското влијание со претходен надзор на сите медиуми, вклучувајќи ги и онлајн и печатените медиуми, како и социјалните мрежи.
Сите вести ќе се оценуваат дали се позитивни, негативни, или неутрални, а ќе се прибираат и податоци за авторите. Софтверот, пишува во условите на тендерот, треба да овозможи податоци за медиумот што ја објавил веста и за името на авторот. Владата бара информации тоа да го дознае во реално време, веднаш по нивното објавување, а најмалку два часа по објавата. Владата уште бара модул за вештачка интелегенција, како и мобилна апликација за сите видови паметни телефони. Погодете зошто тоа им треба.
Со други зборови, Владата се подготвува да биде колективен главен уредник и цензор на сите медиуми во Македонија. Тоа што во ерата на „груевизмот“ се работеше со прислушување на илјадници луѓе, сега во ерата на „мицковизмот“ ќе се работи легално, озаконето и јавно. Тоа малку што остана неуништено во македонската „демократија“ сега ќе се докрајчи како голем успех на власта. Формулата е многу едноставна и добро позната во тоталитарните општества. Тоа што не е објавено, не се ни случило. Се брише светото правило на новинарството да не се биде сведок на страна на тие што умислувават дека прават историја, туку да се биде на страната на тие што страдаат од таа лажна историја во битките за власт.