Влатко Стефановски со јубилеен концерт за паметење во Загреб, ова беа специјалните гости
Eден од најистакнатите гитарски виртуози на овој дел од Европа, легендарниот Влатко Стефановски, со Влатко Стефановски Трио, синоќа во одамна распродадената сала Лисински во Загреб, прослави 50 години од својата голема кариера.
На тричасовниот концерт Стефановски ја поведе публиката на патување низ неговиот богат опус, од првите денови во родното Скопје со бендот Леб и сол, па се до денес.
На сцената му се придружија специјалните гости – Раде Шербеџија, Златан Стипишиќ Џибони и Мирослав Тадиќ, а вечерта започна со емотивен соло настап на акустична гитара со изведбата на „Приспивна песна за Радимила М“.
“Добро вечер Загреб! Ви благодарам многу што ја исполнивте оваа сала и одвоивте време да прошетате низ мојот прилично долг опус. Ви благодарам што ме поддржувавте од првиот момент кога дојдов овде – од далечната 1977 година до денес!” – рече Влатко со неколкуминутен аплауз.
Ви благодариме, маестро, за незаборавната вечер, му честиташе издавачката куќа „Кроација рекордс“!
Јубилејот тој почна да го слави со серија концерти во Македонија и во регионот. Првиот беше во Охрид, во Антички театар на 26 јули, на 16 декември беше во Белград, на 17 декември во Осијек, и синоќа во Загреб. Во Скопје голем концерт, идната година.
Гитарскиот виртуоз , претходно, ја воодушеви публиката со третиот сингл од новиот албум „London Sessions“ кој веќе е достапен на сите дигитални платформи. Излезено е и двојното ЦД , а наскоро и тројно ЛП, за прв пат во неговата кариера.
Фото: Борис Шитар