Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на Антички: Празник на гитарите

Пред преполн Антички театар, во магична атмосфера, големите виртуози на гитара Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ синоќа приредија  прекрасен роденденски концерт за 59. „Охридско лето“.

Публиката што ја имаше од сите генерации, уживаше во беспрекорната изведба на двајцата уметници со светско реноме, а  пеејќи ги песните што се изведуваа, ги наградуваше Стефановски и Тадиќ и со бурни аплаузи. Посетителите на Античкиот театар  уживаа во извонредните интерпретации на  Македонско девојче, Касапско оро, Ајде дали знаеш дали паметиш Милице, Бог да ги бие Дебрани, Јовано Јованке, и многу други по кои Влатко ќе остане запаметен како одличен изведувач.

Посакувајќи му на фестивалот уште многу години успешна работа, Влатко Стефановски кој растел следејќи го, а потоа и учествувајќи како уметник на фестивалот, рече дека „Охридско лето“  е фестивал којшто треба да биде пример за сите останати фестивали.

-Огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 години од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ кој може да биде ментор и учител на многу други фестивали во регионот и во светот. Тоа што настапувам во Охрид е секогаш одново и одново и предизвик, и задоволство, и привилегија, рече Стефановски.

Музичката одисеја на Влатко Стефановски со Мирослав Тадиќ трае 22 години. Не музицираат често но секој нивни концерт е ексклузива за публиката.

-Постои некоја резонанца над нас која е на несвесно ниво и музиката само ја пуштаме да тече, а ние сме тука само двајца работници кои и дозволуваат на таа музика да дојде од некаде, да помине низ нас  и да продолжи, додаде Стефановски.

Амбиентот во којшто се одржа концертот соодветствуваше на одбележувањето на  роденденот на нашата најголемата музичко –сценска манифестација која догодина ќе го одбележи и јубилејот, шест децении од постоењето.