Влатко Стефановски е крал на тезгите: Гитарскиот виртуоз најбаран летово


Фото: Б. Грданоски

Со интимен или експониран концерт, сам, во трио, или со две гитари или оркестар, еден или повеќе гости, со публика во темница или преку ден, на отворено, на стадион или во филхармонија, со пријатели, за пријатели и непознати, фанови или дипломатски кор, како ментор, учител или музички амбасадор, во Скопје, низ Македонија или низ регионот, со задоволство е виден гостин.

За тажни и среќни моменти, за забава или за ќеф, за чествување на државен, историски или еколошки настан – Влатко Стефановски е музичкиот лек за сечија душа која е добра а не злобна, со став, а не политички обоена, кој пее за сеир, а не гледа сеир. Едноставен и индиферентен кон самопромовирање, кој повеќе би свирел на гитара отколку да е на фотосесија. Би ви свирел до утре ако сакате, а би го нервирало ако околу него светкаат блицови.

По  40 години кариера, 34 албуми и еден акустичен, последниот „Мајчин јазик“, објавен во 2017 година, во издание на „Кроација рекордс“, стотици гитари и настапи низ светот и вревата што ја направија на регионалните топ-листи, Стефановски со теми и од постарите и од поновите албуми кои му се драги и кои му даваат можност за импровизација е најбаран летово и со заслужен епитет – крал на тезгите и на настапите.

Публиката постојано цупка со нозете на неговите концерти, постојано аплаудира, свирка и довикува браво на „Бистра вода“, како една од најбрилијантните парчиња од опусот на „Леб и сол“, на „Зошто си ме мајко родила“, потоа „Јано мори“, па дури и „Димитријо сине Митре, „Калајџиско оро“, „Јовано, Јованке“, „Кандилце“, „Успаванка за Радмилу М“ од албумот на „Бијело дугме“, „Џипси сонг“, „Вера, надеж, љубов“, „Македонско девојче“ …

Облечен во сако, јакна или кошула, со мангупски чевли и со капче на глава, уште свири со затворени очи и не може без неговите: јен, два, три, јен, два три.

Неговиот прв акустичен албум „Мајчин јазик“, снимен во Загреб, ќе биде објавен како компакт-диск и блу-реј издание, потврдија од „Кроација рекордс“. Тоа ќе биде прво блу-реј издание на некој изведувач од Македонија.

Л. Сабит