Влатко Андоновски е новиот селектор на женската репрезентација на САД


Влатко Андоновски ќе биде 10. селектор на женската фудбалска репрезентација на САД. Довербата на американската федерација е огромна чест за македонскиот тренер, но и признание за остварените резултати на клупски план во кариерата. Задоволството е незаменливо и незамисливо ако се има предвид дека Американките ова лето, на мундијалот во Франција, ја освоија четвртата шампионска титула по победата над Холандија со 2:0 во финалето во Лион.

Американската ТВ мрежа „Си-Би-Ес“, која се повикува на информација на „Спортс Илустрејтед“, најави дека промоцијата на Андоновски, што ја опишува како формална, е закажана за понеделник.

Андоновски во последните седум години е тренер во Американската женска фудбалска лига. Во тој период го предводеше Канзас сити до две шампионски титули во 2014 година и во 2015 година пред да ја прифати понудата од екипата на Реин на чие кормило беше во изминатите две сезони.

Скопјанецот ужива голем респект и за новата функција во САД доби високи препораки од самите американски фудбалерки и останатиот персонал во и околу националниот тим. Дел од нив и ги тренираше претходно како Меган Репино во Канзас сити. Андоновски ќе го преземе кормилото од Џил Елис, која на изненадување на многумина, се повлече од позицијата порано одошто се очекуваше.

Но, колку што е голема честа и задоволството кај Андоновски, толку е голема и одговорноста. Причина е притисокот да обезбеди континуитет на успешната резултатска низа на неговата претходничка под чие водство Американките триумфираа на Светските првенства во 2015 година и во 2019 година. Елис заминува како најуспешен тренер во историјата на женската фудбалска репрезентација на САД со биланс од 107 победи, 7 реми и 19 порази.

Елис одлучи да излезе од програмата по освојување на СП 2019 по што веднаш почнаа шпекулации за нејзиниот наследник по неколкуте години на доминација на Американките во светскиот фудбал. На Андоновски му преостанува уште да го парафира договорот за и официјлано да седне на клупата, но надлежните во програта и фудбалерките имаат доволно силна доверба во него за предводник во наредните години.

 Андоновски како фудбалер на Вардар, Работнички и Македонија Ѓ.П.

Влатко Андоновски е роден во Скопје на 14 септември во 1976 година. До преземање на женската фудбалска репрезентација на САД, работеше како тренер во Реин, а претходно и во Канзас сити и Канзас сити Кометс.

Како активен фудбалер, во неколку сезони настапуваше за Вардар, за Работнички и за Македонија Ѓорче Петров со кои играше во македонската Прва лига, во квалификациите за европските клупски натпреварувања и во поранешниот Интертото куп.

Во 2000 година потпиша договор со Вичита Вингс во националната професионална фудбалска лига на САД. Подоцна играше и за Канзас сити Кометс, за Калифорнија Кугарс и за Филаделфија Кикс.

Неговиот улога и придонес во Реин во 2019 година не останаа незабележани од медиумите. И покрај отсуствата на неколку клучни фудбалерки поради повреди и одржувањето на СП 2019, сепак, успеа да го предводи својот тим до четврто место на табелата што значеше и второ учество во плејофот во низа.

За време на настапите за Канзас сити Кометс, Андоновски беше прогласен за најдокажан играч за 2002 година, истата година беше прогласен и за најдобар дефанзивец, во 2005 година ја понесе и титулата МВП и двата беше дел од Ал стар мечот во Лигата.