Власта во дефанзива – довербата се рони


Во последниве недели, па и месеци, Владата е под жесток притисок од опозицијата (што е сосема очекувано, бидејќи тоа е нејзина работа), но и од демократската јавност, што е многу поболно оти нејзината критика е далеку пореална. Тамам еден оган ќе згасне, друг ќе се запали. Џебовите на незадоволство се шират. Ова е, велат политичките аналитичари, своевидна кулминација – ситуација во која се преполнува чашата.

Владејачката гарнитура, според нив, е дотерана до ѕид. Притоа се обидува да се одбрани, да ја потсети јавноста и на одредени солидни потфати, но се чини дека тоа го прави задоцнето.

Аферата со генералниот секретар Драги Рашковски, назначувањето на контроверзниот Садула Дураки за петти вицепремиер, некако се помешаа со насмевките и егзотичните позирања од пред судските одаи на македонскиот бизнисмен, Орце Камчев, за кого рочиштата очигледно се „еден ден во Лас Вегас со Френк Синатра“, но и со неподносливата ароганција на азилантот Никола Груевски, кој очигледно окуражен од актуелните состојби дрско порачува: „Немој кога ќе се вратам да го видам упропастен новиот автопат за Штип“.

Обидите секојдневно да се затвораат „помали фронтови“ ја изнемоштија власта, велат аналитичарите, па затоа и се случуваат „стани-падни“ фазите во комуникацијата со граѓаните кај највисоките функционери. Типичен пример за тоа е втората „бомба“ за Рашковски по која премиерот Зоран Заев делумно ретерира. Имено, првичното децидно „не“ сега се трансформира во тоа дека ќе ги видел аргументите и снимките, па ќе одлучел дали ќе побара оставка од генералниот секретар, кој ни на сон не помислува на оставка.

„Секако стојам на ставовите дека, како што реков, не треба никој што добил задача, чест и одговорност да извршува јавна функција или да биде сервис на граѓаните да биде, на некој начин, боксерска вреќа. Доколку некој се огрешил, има закони според кои ќе одговара, но има и етички дел, треба да се знае каде преминува границата“, рече Заев.

Од оваа перспектива апсолутно на место изгледа препораката на ГРЕКО Владата во рок од 30 дена да назначи лице за интегритет, претходно обучено од Антикорупциска комисија, кое ќе ги советува премиерот, министрите и другите вработени да носат правилни и издржани одлуки согласно со законите, моралот и етиката и на начин на кој ќе го избегнат судирот на интереси и ќе ги одвојат јавниот и приватниот интерес.

Според најавите, оваа недела, доколку нема повторно пролонгирање, Заев заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе треба да пресечат околу промените во вториот и третиот ешалон, откако бомбастично најавената министерска метла не ги задоволи апетитите на јавноста. Таа се сведе на разрешување на министерот за финансии Драган Тевдовски, на вицепремиерот за Рамковен договор, Хазби Лика, на министерот за локална самоуправа Сујхел Фазлиу и на ротацијата на Садула Дураку, како и на новите министри во испразнети фотелји во култура и земјоделство.

Неофицијалните информации говорат дека ќе има промени на директорските места во неколку претпријатија. Се споменуваат ЕСМ, МЕПСО, Фондот за иновации – како и компании што беа дел од скандали со сомнителни набавки, аферата со непотизам, но и со неиспорачани резултати. Метлата, наводно, треба да ги опфати кадрите на ДУИ во Бирото за јавни набавки, Агенцијата за странски инвестиции, „Македонија пат“, Македонски железници.

Сепак, најавената смена на директори, според аналитичарите, тешко дека ќе ја смени актуелната перцепција во јавноста за оваа влада.

„Таа не успеа да спроведе суштински системски реформи, тука пред сè мислам на судството“, вели политичкиот аналитичар Армен Нухиу.

Коруптивните афери неумоливо ја ронат довербата во извршната власт, но статус-квото во судскиот систем, смета тој, влијае најиритантно за граѓаните.

„Владиното дејствување по малку ми наликува на стратегијата ‘купи ден, помини’. Недозволиво е да продолжи истата практика на неодговорност. Честите скандали во земјава воопшто не доведуваат до оставки кај функционерите. Наместо тоа, гледаме како од петни жили се обидуваат да најдат начини како да останат на своите функции. Слушнаа сите како незаконски се комуницирало со фирми кога процедурата за тендер сè уште траела. Под итно мора да има промена во поведението и управувањето со државата, доколку оваа власт сака колку што е тоа можно да ги санира штетите што ги претрпе до следните парламентарни избори следната година“, смета Нухиу. (Н.К.)

 

ВМРО-ДПМНЕ плете скандал и за директорот на разузнавање

 

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера го обвинија и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, кој, според нив, охрабрен од шефот на државата Стево Пендаровски, спроведува политичка елиминација на целокупниот оперативен кадар.

Според сознанија со кои тие располагале, наводно, за негов помошник е назначено лице кое досега било ангажирано како проектен истражувач на НВО „Нексус“.

„Еве едно прашање до Пендаровски – дали претседател на оваа НВО е токму сопругата на Муслиу и дали ‘Нексус’ се наоѓа на домашна адреса на Муслиу, а формирана е само пред две години? Оттогаш речиси непрестајно води проектни активности со градоначалници на СДСМ, работи на промоција на Пендаровски и учествува во работата на Комисијата за борба против тероризмот. Оваа НВО, согласно со јавно достапните податоци, во изминатиот период учествуваше во трки за проекти за превенција од радикализација и дерадикализација на терористи и верски радикали. Проектните активности на оваа НВО ги спроведуваше токму лицето Васко Шутаров, тогашен советник за тероризам, кој е сега унапреден на највисоко хиерархиско ниво како благодарност од Муслиу“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, според нив, е класичен судир на интереси. „Проектни активности за борба против тероризам финансирани преку НВО и работно место советник за тероризам е сродна, споива и директно поврзана дејност. Ја повикуваме Антикорупциската комисија да го провери овој случај и јавно го прашуваме Стево Пендаровски: Дали познава која било сојузничка НАТО-држава во која шефот на разузнавачката служба има регистрирано НВО на домашна адреса? Дали познава кој било припадник на сојузничка служба кој податоците добиени од работните активности ги преточил во проектни активности со цел за само 2 години стара НВО да сврти приходи од речиси 8 милиони денари? Дали познава директор на сојузничка разузнавачка служба кој унапредил колега кој му ја подготвувал проектната документација на семејната НВО, користејќи инсајдерски податоци? Слободно нека ги прочита анализите на оваа НВО и ќе му стане веднаш јасно за што станува збор“, истакна на прес-конференција портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Од кабинетот на претседателот реагираа промптно по сериозните обвинувања, барајќи Антикорупциска да ги провери наводите за судир на интереси на Муслиу, но притоа укажуваат и на политичка одговорност од објавување на евентуално непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби.

„Во однос на прес-конференцијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во која се посочува на наводен судир на интереси од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, во однос на кадровски решенија во АР – Кабинетот на претседателот ја повикува Државната комисија за спречување на корупција веднаш да ги провери овие наводи. Укажуваме и на политичка одговорност од објавување на евентуално непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби на Република Северна Македонија, особено во период кога земјите сојузници од НАТО ја спроведуваат постапката за ратификација на Протоколот за членство“, се вели во реакцијата. (Н.К.)