Тактизирање со Јанева: Нејзиното разрешување ставено на пауза

Парламентарното мнозинство во парламентот денеска со 58 гласа „за“ го отфрли предлогот на опозицијата да гласа за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Пратениците од владеачките партии објаснуваат оти сакале да се дополни дневниот ред на седницата. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ова е последна седница на Собранието пред 15 септември кога и законски истекува мандатот на притворената обвинителка. Според ВМРО-ДПМНЕ, која инсистираше разрешувањето на Јанева да биде прва точка од дневниот ред согласно препораката од Комисијата за избори и именувања, ова е јасен сигнал дека власта се става во заштита на довчерашната шефица на Специјалното јавно обвинителство.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери потенцира дека нема никаква правна пречка разрешувањето на Јанева да се најде на денешната седница, порачувајќи дека таа точка не ја ставил на дневен ред затоа што имало начелен договор меѓу партиите тоа да се направи на посебна седница.

Вчера пропадна обидот на лидерите на двете најголеми партии да најдат решение за законот за обвинителство.