„Не“ за Русковска: Владиниот партнер Африм Гаши ја сака Фатиме Фетаи место Јанева


Фото: Б. Грданоски

Алтернатива на Африм Гаши, која е коалициски партнер во владата на Зоран Заев, ја предлага Фатиме Фетаи за шефица на новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

„Сега, кога треба да се избира новото име за управување со новото Обвинителство, Aлтернатива – како партија која повеќе од сé се грижи за правна држава и спроведувањето на правото без никаков компромис, ја предлага обвинителката Фатиме Фетаи, да раководи со ова обвинителство. Сметаме дека таа е кадар која досега не оставила зад себе траги од злоупотреба на службената должност и како професионалец во борбата за правда и убедени се дека може да ја врати довербата во владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Се надеваме дека и другите политички фактори во земјава ќе рефлектираат во однос на овој предлог и ќе ги надминат нивните етнички и политички линии за да и гарантираат на Северна Македонија правда, која ќе биде клуч и за владеењето на правната држава, но и за а долгоочекуваната евро-атлантска интеграција“, додаваат од Алтернатива.

Партијата на Гаши има три пратеници во Собранието. Премиерот Заев предложи Вилма Русковска да раководи со новото Обвинителство, во кое треба да се претопи сегашното СЈО. Од ДУИ рекоа дека не е работа на политичарите да бираат шеф на Обвинителство, но побараа да се одлучува со „Бадентер“.

За изгласување на предлог-законот за Јавно обвинителство е потребно двотретинско мнозинство, кое власта го нема во моментов. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Алијансата за Албанците рекоа дека нема да го поддржат предложениот текст на законот доколку не претрпи измени и не бидат прифатени нивните забелешки. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски