Владиниот економски тим во ССК: Бизнисот очекува нови мерки за поддршка од Владата


Соодветна финансиска поддршка за компаниите во четвртиот пакет мерки за да се надмине кризата предизвика од пандемијата со Ковид-19, значително намалување на парафискалните давачки и заедничка борба против корупцијата и сивата економија, побара денеска Сојузот на стопански комори на Македонија од новата Влада, а премиерот Зоран Заев вети стабилност и предвидливост во следниот период и нови мерки за стопанството и за граѓаните.

Премиерот најави период од четири години во кој, како што рече, нема да има вонредни парламентарни избори. Најави и стабилност во даночната политика, а очекува и заедничка борба со коморите против сивата економија.

– Државата е стабилна и постои за да им помага на граѓаните и на стопанството и да биде најдобар сервис на граѓаните. Предвидувањата се дека во следните шест до осум месеци кризата ќе продолжи и целиот овој период мора да го поминуваме заедно бидејќи заедно сме посилни и помудри. Во такви околности почнуваме со дискусија и дебата за креирање нови пакети за економијата и за граѓаните. Владата е стабилна, коалицијата е силна, изградена на основа на вредности и ја испраќа пораката на предвидливост што е важно за секоја компанија бидејќи предвидливоста значи доволна храброст да се туркаат сите процеси. Најавуваме период од четири години каде нема да има вонредни парламентарни избори што е важно за плановите на компаниите, рече Заев пред средбата со бизнисмените од Сојузот на стопански комори.

Од Сојузот на стопански комори се надеваат дека процесот на донесување на новите антикризни мерки ќе биде инклузивен и сите претпријатија кои се соочуваат со финансиска криза, ќе ја добијат неопходната поддршка.

– Она кое сакаме во овој процес, којшто веруваме дека ќе биде инклузивен и ќе се залагаме да биде донесен час поскоро, е сите претпријатија кои се соочуваат со финансиски потешкотии поради кризата, да добијат соодветно таргетирана помош која им е неопходна, изјави Данела Арсова, претседателка на ССК.

За ССК, значајно е да се намалат и парафискалните давачки кои, како што рече Арсовска, претставуваат поголемо оптоварување од даночните давачки. Се надеваат дека со новата Влада заеднички ќе работат на сузбивање на корупцијата и сивата економија за да се создаде едно општество во кое законите ќе важат за сите.