Владината кошничка „полесна“ од синдикалната за 10.200 денари, во август биле потребни 58.475 денари
Министерот Дурмиши вели дека станува збор за различна методологија во однос на синдикалната кошничка. Владата да ги зголеми платите, а не да ја намалува вредноста на кошничката, порачуваат од ССМ
На едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари за минимални трошоци, објави Министерството за економија и труд. За храна и пијалоци му биле потребни 21.132 денари, а за здравствени услуги 1.429 денари.
Ова е за 10.200 денари помалку од она што за истиот месец годинава го пресметаа во Синдикатот за нивната потрошувачка кошница која за август изнесуваше 68.675 денари. Според ССМ за храна и пијалоци месечните трошоци во август изнесуваа 25.032 денари, за образование 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.370 денари, за транспорт 5.175 денари, ресторани и хотели 4.131, за комуникациии 3.677, за хигиена 2.692, за здравје 1.196 денари.
Разликата е уште поголема ако се споредува со септември, кога вредноста на синдикалната минимална кошница достигна 69.432 денари, или за 757 денари повеќе од август.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес-конференција ја претстави потрошувачката кошничка пресметана од Министерството, која рече се базира на податоци од релевантни институции.
– При пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири – рече Дурмиши.
Вели дека во однос на јули, потрошувачката кошница во август била зголемена само за 29 денари, а трошоците за храна и пијалоци намалени за 255 денари.
Во однос на јануари годинава, кога кошницата изнесувала 56.381 денари, во август е повисока за приближно 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.
Дурмиши вели дека станува збор за различна методологија во однос на синдикалната потрошувачка кошничка која за истиот месец пресмета минимални трошоци од 68.676 денари и дека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.
– Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката, рече Дурмиши.
Во пресметката на Министерството за економија, се земени и податоци од последниот Попис според кој 95 проценти од населението живее во свој дом.
Новата методологија ќе биде разгледана на новата седница на Економско-социјалниот совет закажана за 19. овој месец.
На неа, според најавите, ќе се разговара и за минималната плата, но Министерството останува на ставот дека за зголемувањето треба да се договорат синдикатите и работодавачите.
Коментирајќи ја владината потрошувачка кошница, претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов за „Слободен печат“ изјави дека наместо да се намалува вредноста на Синдикалната минимална кошница за 19,5 % до Владината просечна кошница, потребно е да се зголемат платите за 19,5%, доколку се имало желба да се помогне на работниците.
Инаку, ССМ од 2011 година пресметува вредност на Синдикална минимална кошница.