Владината коалиција и парламентарното мнозинство се стабилни, тврди Ковачевски


Владината коалиција е стабилна. Нема опасност од губење на мнозинството во Парламентот, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања дали е стабилна Владата и дали има опасност од губење на мнозинството во Собранието откако неколку пратеници на ДУИ најавиле отцепување од партијата.

Од Владата за МИА велат дека парламентарното мнозинство е стабилно и оти Владата е целосно фокусирана на менаџирање на економската и енергетска криза, како и на скрининг процесот како дел од преговорите со Европската Унија што е во тек.

Во врска со состојбите во ДУИ, од Владата посочуваат дека станува збор за внатрепартиски работи, коишто Владата нема да ги коментира.
Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу, во отворено писмо пред неколку дена побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаа лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинија Артан Груби. Потоа во јавноста се појавија информации за смена на Османи, но тој вчера демантираше потенцирајќи дека станува збор за лажна вест.