Владина делегација на самитот за Западен Балкан во Познањ


Во полскиот град Познањ денеска продолжува шестиот самит на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите. Во фокусот на самитот на кој ќе учествува и владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, ќе бидат регионалната соработка, поврзувањето, мобилноста, начините за надминување на постоечките предизвици и растот на економиите во регионот.

Централниот настан во Познањ ќе биде утрешниот состанок на шефовите на држави или влади на кој треба да биде објавено идното заедничко претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.

-На Самитот за Западен Балкан во Познањ, на заедничка прес-конференција на премиерот Заев со премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, и со претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов, кој ќе се одржи утре во 15 часот, ќе биде објавено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци. Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје, информираат од владината прес-служба.

Потенцираат дека од почетокот на оваа иницијатива, за прв пат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан.

Програмата за шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан ќе се одржи утре, кога премиерот на Република Полска Матеуш Моравјецки ќе ги пречека шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан, како и канцеларката Ангела Меркел и членовите на владината делегација на СР Германија која е покровител на иницијативата Берлински процес и има за цел да го помогне зајакнувањето на капацитетите на земјите од регионот во нивните евроинтеграциски процеси.

На централната пленарна сесија на самитот, гостите од регионот ќе ги поздрави и претседателот на Полска Анджеј Дуда.

Премиерот Заев ќе учествува во сите работни сесии на Самитот и ќе има обраќања на работниот ручек, како и на пленарната сесија.

Министерскиот формат на Самитот за Западен Балкан започнува денеска, кога во тематските сесии со свој придонес ќе учествуваат заменик претседателот на Владата задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за економија. Крешник Бектеши, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Агендата на Самитот на Берлински процес во Познањ е заснована на политичката и економската димензија. Главни области на соработка се транспортното и енергетското поврзување на Регионот, економската интеграција, бизнис секторот, соработката меѓу младите, третманот на билатералните и други отворени политички прашања од минатото на Регионот, но и глобални безбедносни и миграциски предизвици.

Овој дел од Самитот се очекува да биде затворен со церемонијата на потпишување на договорите меѓу земјите од Западен Балкан со Европската Комисија и со европските финансиски институции за поддршка на економските и инфраструктурните проекти кои се очекува да бидат одобрени за време на годишниот собир на земјите од регионот вклучени во Берлинскиот процес.

На оваа церемонија ќе ѝ претходи бизнис форумот кој оваа година е посветен на дигитализацијата на јавниот и приватниот сектор на Западен Балкан и на енергетскиот пазар во земјите во транзиција.

Берлинскиот процес претставува платформа за европски дијалог и соработка, која дава поддршка на политиката на проширување на ЕУ. Секоја година на годишните Самити за регионот придонес во таа насока дава и Форумот на граѓански организации организациите од Западен Балкан и од Европската Унија.