Владина делегација на чело со Ковачевски на вториот саем за вино во Белград


 

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски од денеска е во Белград на вториот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“. Во делегацијата се министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, и министерот за транспорт Благој Бочварски.

Во рамки на посетата на Белград, на 17 ноември Ковачевски ќе оствари средба со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе биде потпишан и меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси меѓу двете министерства за транспорт.

Во рамките на саемот под покровителство на Владата ќе се одржи настан „Македонска вечер“, каде ќе има дегустација на македонски вина и храна.

На годинешниот саем се очекува присуство од над 600 изложувачи од винарии, дестилерии, гастрономски компании од повеќе од 28 земји, што претставува одлична можност за воспоставување деловни релации, размена на идеи и ставови за винската индустрија пред сѐ.

На саемот во Белград излагаат над 70 винарии и дестилерии од Македонија.