Владимир Талески година и пол седи дома во куќен притвор и чека седница на скопска Апелација


Поранешниот градоначалник на Битола, осуден на 8 години затвор во случајот „Транспортер“, за цело време прима плата од Народниот театар и му тече стажот. Апелацискиот суд треба да расправа за жалбите во септември

 

АНЕТА БЛАЖЕВСКА

БИТОЛА – Екс-градоначалникот на Битола Владимир Талески, една и пол година е во куќен притвор по пресудата на Основниот суд во Скопје со која е прогласен за виновен за случајот „Транспортер“ на СЈО, за превозот на ученици поскап од оној во Токио. Осуден од првостепениот суд на 8 години затворска казна Талески седи дома, во станот во Битола, чекајќи ја одлуката на скопска Апелација, дали ќе ја потврди пресудата или ќе донесе друго решение.

Во куќен притвор е и екс-секретарот на Општина Битола Слободан Бончановски осуден на 6 и пол години затворска казна. А, со ефективни затворски казни (од 2 години и 2 месеци до 3 години) се и најголем дел од превозниците кои го вршеле превозот. Единствено условни казни од 5 години да не го повторат делото добија директорите на школите во Битола кои беа дел од случајот со школскиот превоз.

Апелацискиот суд во Скопје не може да даде поконкретни информации за случајот зашто судијата задолжен за предметот бил на годишен одмор, но велат дека седницата за „Транспортер“ е одложена поради здравствени причини на еден или повеќе од обвинетите. Седницата заради обемниот материјал беше закажана во три дена на 1, 2 и 5 јули, а сега е одложена за 31 август, 1 и 2 септември годинава. 

„Имавме закажано седница за ‘Транспортер’ во јули, но на барање на обвинетите таа е одложена за септември. Дали се работи за болест кај еден или повеќе од обвинетите, или пак е поврзано со актуелната здравствена  криза не знам, бидејќи судијата известител е на годишен одмор, но седницата ќе се одржи на почетокот на септември доколку се исполнети сите услови и ќе има и одлука“, изјави за „Независен“ Татјана Дуковска, судија одговорен за прашања во врска со предметите од Кривичен отсек.

Битолската јавност сѐ уште со голем интерес го следи случајот „Транспортер“, особено поради првообвинетиот Талески. Па често се коментира дека превозот на Талески е „паркиран“ пред скопска Апелација. Коментарите одат и до таму што Талески за разлика од шоуменот Бојан Јовановски (Боки 13) и специјалната обвинителка Катица Јанева имал повеќе „среќа“. Талески притворот цело време го издржува дома, а поминатото време во домашен притвор ќе му биде пресметано во конечната затворска казна.

Адвокати од Битола кои се вклучени во случајот „Транспортер“ велат дека не се служуваат со тоа дека Јовановски и за Јанева, Апелација одлучила многу брзо, (пресудата на Основниот суд беше во јуни 2020), како и тоа дека за „Транспортер“ многу се одолговлекува, што можеби се должи на неажурност на судот.

„Станува збор за случај каде што има 24 лица обвинети, има различни одбрани на три структури на странки, тоа значи дека прво и второобвинетиот се со едни дејствија, директорите на училиштата со други и превозниците се со трети дејствија. Станува збор за комплексен предмет што не може да се спореди со предметот за случајот ‘Рекет’. Во нашиот предмет имаше 3.000 писмени докази, значи нема судија кој може за краток период да го проучи предметот и да даде свое мислење и да донесе одлука. Точно е дека треба да се постапува ефикасно, брзо, целисходно, економично, но основното право е да се заштитат правата на странките“, изјави за „Независен“, Никола Главинче, адвокат на дел од превозниците во Битола.

За цело ова време додека бившиот градоначалник на Битола Талески е во домашен притвор, тој е на платен список на Битолскиот народен театар каде е вработен како актер. Талески зема плата секој месец и му тече стажот до пензија. 

„Во консултација со адвокати ни е речено да ја почекаме одлуката на Апелацискиот суд во Скопје. Нема основа за отказ, ни суспензија, зашто не се огрешил во институцијата во која работи. Сѐ додека немаме потврда од Апелација не можеме да постапуваме… и чекаме#, изјави Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар во Битола.

На 14 април 2016 година, Специјалното јавно обвинителство на прес-конференција објави дека води нова истрага под кодно име „Транспортер“, која се однесува на превозот на ученици во Општина Битола, а во која еден од осомничените беше тогашниот градоначалник Владимир Талески. Според истрагата, Талески во договор со директори на основни и средни училишта од општината и повеќе превозници го оштетиле буџетот во износ од 360.000 евра за само две учебни години. Она што остави силен печат за овој случај беа зборовите на обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, која соопшти дека предметот е преземен од Основното јавно обвинителство – Битола и дека од прибраниот доказен материјал СЈО има сериозни уверувања дека Општина Битола преку нејзиниот градоначалник веројатно плаќал поскап превоз од оној од Токио.

Лани веднаш во пресудата на Основниот суд Талески од дома ѝ се обрати на јавноста преку Фејсбук порака, па се пожали дека пресудата на Кривичниот суд во Скопје е политичка, судењето било циркус, судството заробено, па затоа тој не го признавал овој суд.