Владеjачките и опозициските партии во Србија преку медиумите полемизираат за бојкот на изборите


Во Србија и денеска продлжи полемиката во медиумите меѓу партиите за можноста за бојкот на редовните парламентарни и локални избори што треба да се одржат напролет идната година.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, која е во коалиција во власта со Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ, оцени дека изборните услови во Србија се еднакви за сите политички партии и дека вистинската причина за незадоволство кај оние кои имаат забелешки на тие услови „лежи некаде на друго место, а не во изборните правила“

Потсетувајќи дека изборните правила не се променети „веќе една деценија“, СПС со соопштение оцени дека Србија досега спровела „цела низа изборни циклуси без никакви забелешки за нивната демократска рамка, пред сè од надлежните меѓународни институции“, што според социјалистите,„со години дава потврда за многу високите изборни стандарди“ кои важат во Србија“.

-За да успеете на изборите, потребно е да се излезе со јасна политика за развој на Србија и поддршка за сите нејзини граѓани, а доколку тоа го немате, тогаш жалбите за изборните услови се само изговор и алиби за неуспех. Тоа е единствената програма и единствената политика на дел од опозицијата, предводена од Драган Ѓилас и Бошко Обрадовиќ.

За разлика од социјалистите, опозициските партии и движења и денес повторуваат дека во Србија во моментов нема услови за слободни и чесни избори и дека во вакви околности бојкотот е единствено решение.

Така, движењето Доста беше (ДЈБ) оцени дека заканата од бојкот е „најдобриот пат кон фер и чесни избори“ за кои, според нив, „минимални услови се фер пристап до медиумите, уредување на избирачките списоци, снимањето на гласачките кутии и неограничен пристап до изборниот материјал по изборите “.

ДЈБ ја повика целата опозиција „која не под контролира на СНС“ да под закана од бојкот инсистира на исполнување на овие услови, истовремено порачувајќи дека „ЛДП (на Чеда Јовановиќ), ЛСВ (на Ненад Чанак), СРС (на Шешељ), Шапиќ, СМС (Странката на модерна Србија), ДСС (поранешната партија на Коштуница) и фантомските движења контролирани од СНС не мораат да учествуваат во бојкотот, за да го направат бојкотот успешен“.

Со сличен став денес настапи и иницијативата „Да не го давиме Белград“, која порача дека „бојкотот на изборите во овие услови е единствениот вистински пат на кој треба да останат сите опозициски актери, потписнички на документот за заеднички услови за спроведување на слободни и фер избори (Договор со народот)“.

И Нова странка (НС) на поранешниот премиер Зоран Живковиќ реагираше со соопштение во кое се наведува дека „режимот нема направено ништо за подобрување на изборние услови“ поради што остануваат доследни на ставот дека „во борбата за изборни услови ќе одат со секој кој искрено ги има истите принципи.“

Вчера, по состанокот на лидерите на опозицијата, председавачот на Сојузот за Србија, Јанко Веселиновиќ, соопшти дека сите учесници на состанокот се согласиле да во овој момент нема услови за слободни и фер избори и да доклку барањата не бидат усвоени до средината на септември, опозицијата ќе донесе одлука изборите да се бојкотираат.