Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е безобразно, тврди Филипче
Владејачката партија го нарече лидерот на СДСМ „човек без грам морал и етика“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека власта води погрешни економски политики со кои ја водат државата во погрешен правец, а од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека тој бил „човек без грам морал и етика“.
На вчерашната маалска средба со граѓани во Битола Филипче предупреди дека државата се наоѓа на работ на сериозна економска и политичка криза.
„Се водат целосно погрешни економски политики, сакаат да прикажат со еден лажен партиски ПР розова слика, меѓутоа не им оди, затоа што луѓето знаат како се живее – и со платите и со цените во маркетите – одбивајќи ги сите наши добри предлози и за храната и за струјата, нешто што ќе им олесни на граѓаните. Но, не – сметаат дека се премногу силни и продолжуваат без да слушаат никого“, рече Филипче.
Во обраќањето пред жителите на Битола, Филипче посебно внимание посвети на планираниот заем на Владата од Велика Британија, кој го нарече „преседан“.
„Овој заем што го земаа од Велика Британија е навистина преседан. Ние мислевме преседан е унгарскиот кредит, но не – можело и повеќе. Да земеш влада со влада, без контрола, пари со непознати камати, со непознати рокови – тоа е криминал. Тоа е како да одам јас со вашата лична карта во банка да земам кредит, да не ви кажам ништо, од утре вие да плаќате камати, пари, рокови – не знаете, ништо не сум ви кажал“, рече Филипче.
Според него, политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ го загрозуваат европскиот пат на земјата и ја ставаат во опасна група со земји кои се во криза.
На денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, рече дека Филипче вчера докажал дека е човек без грам морал и етика.
„Филипче потврди дека е човек кој не чувствува вина за случајот ‘Онкологија’. Филипче докажа дека е човек за кој граѓаните се неважни, туку важен е само профитот и бизнисот“, рече Манасиевски пислејќи на интервјутот на за „360 степени“, иако директно не го споемна.
„После сите случувања и трагедии кои ја потресоа државата, очекувавме барем малку човечност во Филипче, да се извини пред граѓаните и да си замине од политичката сцена, но тој тоа не го направи и продолжува да глуми дека е безгрешен“, рече Манасиевски.