Владата живее во меур, економијата е девастирана, тврди Филипче


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва оцени дека владата веќе подолго време нема легитимитет, бидејќи, како што рече, целосно ја игнорира реалноста во која живеат граѓаните. Зборувајќи во емисијата „360 степени“ на МТВ, тој рече дека „владата нема легитимитет одамна, веќе од пред неколку месеци кога стана јасно дека воопшто не се заинтересирани и лошо ги менаџираат сите проблеми“. Тој ја опиша економската состојба како „девастирана“, а стандардот на граѓаните како „руиниран“. „Луѓето не може крај со крај да врзат. Цените се надвор од контрола. Луѓето не можат една кошничка да купат и да пополнат“, додаде тој.

Филипче оцени дека власта живее изолирана од реалноста. „Очигледно е дека се затворени во некој меур, гневот на граѓаните не го слушаат. За разлика од нив, јас сум во комуникација со обичните граѓани коишто укажуваат на проблемите“, рече Филипче.

Тој подвлече дека СДСМ нуди конкретна и искрена политика: „Ние разговараме за реалните проблеми на граѓаните и им нудиме реални и изводливи конкретни решенија“, истакна Филипче.

Тој остро ја критикуваше Владата и ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, срамната блокада на предлог-законот за помош на семејствата погодени од трагедијата во Кочани.

„Законот во Кочани им нуди конкретна финансиска поддршка на луѓето – тие не можат крај со крај да врзат. Тие се нон стоп по доктори на преврски“, рече Филипче, додавајќи дека ниту помош преку Црвен крст не им е стигната: „Ништо не добиле тие луѓе. Зарем треба само Црвениот крст да помага? Каде е државата?“

Филипче порача дека предлогот нема никаква врска со ПР или политичка калкулација: „Нема ни ‘П’ од популизам во овој закон – тоа се реални потреби“, истакна тој. „Тоа за Кочани оваа Влада што го прави е греота. На луѓето стварно им е потребна помош и поддршка“.