(ВИДЕО)Владата воведе полициски час од 21 до 6 часот


Премиерот Оливер Спасовски преку вонредно обраќање вечерва најави дека од утре стапува во сила одлуката за воведување полициски час во земјата од 21 до 6 часот. Оваа одлука ќе важи  секој ден, а исклучок од забраната за движење ќе бидат итната медицинска помош, , припадниците на МВР, на армијата, противпожарните екипи и лицата вработени во Комунална хигиена.

„Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање и само така ќе ги спасиме и народот и граѓаните. Животот радикално се промени и кај нас и во целиот свет. Одлуката е донесена врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица во животозагрозувачка состојба и лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица. Директорите на јавните здравствени установи да изготват список со лица кои имаат потреба од движење во полицискиот час и за нив ќе биде изработени специјални пропусници. Со забраната не се опфатени лица од Министерството за внатрешни работи, армијата, противпожарните екипи, и лица вработени во комунална хигиена“, кажа Спасовски во вонредното обраќање.

Со одлуката ќе се ограничи исто така и бројот на дежурните аптеки во земјата и ќе се назначат тие што ќе работат во периодот додека трае забраната, при што пристап до нив ќе имаат само лица кои ќе покажат потврда дека биле на медицински преглед.

Такси возилата исто така ќе се најдат под посебен режим , така што нивниот број ќе биде ограничен и ќе се користат само за превоз до болничка установа, при што возачите ќе мораат да користат заштитна опрема – маски и ракавици.Дежурните екипи на ЕВН, на Топлификација и  на Водовод и канализација ќе можат да се движат само со специјални дозволи со претходна најава на бројот 192 во МВР.

Градскиот превоз во текот на денот ќе се намали, а во возилата ќе можат да се возат максимум 50 лица на оддалеченост од два метри.  Останува забраната за собирање во групи поголеми од пет лица, додека директорите и управителите на погони ќе треба да го прилагодат работното време според забраната.

-Потребно е секој граѓанин да се прилагоди на оваа максимално загрижувачка ситуација. Ако сакаме да си ја заштититме нацијата сите мораме да се однесуваме најодговорно За опстанокот на нашиот економски систем и за нашите животи се работи.  Мора најригорозно да ги почитуваме мерките. Така ќе ја совладаме заканата и ќе излеземе посилни, порача во обраќањето Спасовски.