Во март го пофалија, сега го отповикаа – Бранко Азески повеќе не е почесен конзул на Црна Гора
Во информацијата во весникот „Дан“ се наведува дека разрешувањето на Азески било на предлог на министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ
Владата на Црна Гора го отповика почесниот конзул во Скопје, Бранко Азески, јавија црногорските медиуми.
Владата го објасни потегот со изјава дека отповиканиот конзул се обидел да ги омаловажи и компромитира највисоките власти во Црна Гора презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата, објави весникот „Дан“.
Како што се наведува, одлуката за отповикување е донесена на последната седница на црногорската влада.
Според одлуката потпишана од премиерот Здравко Кривокапиќ, Министерството за внатрешни работи дошло до сознанија дека Азески, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за кредибилитетот на нејзините тела.
Исто така, појаснето е дека безбедносните органи особено ги забележале разговорите на Азески со истакнати бизнисмени од различни сфери, при што тој се обидел, како што е наведено, да ги омаловажува и компромитира највисоките власти во Црна Гора, презентирајќи ги неговите лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата на Црна Гора.
Според официјалните податоци, Азески е почесен конзул на Црна Гора во Скопје од 2016 година.
Во информацијата во весникот „Дан“ исто така се наведува дека разрешувањето било на предлог на министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ.
„Министерството за надворешни работи смета дека овие перформанси можат сериозно да го нарушат угледот на земјата и дека нема основа за понатамошно проширување на нејзината функција и сугерира господинот Бранко Азески да биде сменет од позицијата почесен конзул на Црна Гора во Штип“ – стои во образложението на Министерството за надворешни работи, пишува „Дан“.
Азески беше почесен конзул на Црна Гора во Штип, со надлежност над општините Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип и Чешиново. – Облешево.
Весникот исто така потсетува дека неодамна, на 12 март, вицепремиерот на црногорската влада, Дритан Абазовиќ, изјави дека Азески достојно ја претставува Црна Гора во Северна Македонија.
Како дел од дводневната посета на Северна Македонија, Абазовиќ се состана со почесниот конзул во Штип, Бранко Азески и со почесниот конзул во Битола, Милорад Андријашевиќ. Абазовиќ им се заблагодари на почесните конзули Азески и Андријашевиќ за достоинствено претставување на Црна Гора во РСМ и за придонесот за зајакнување на угледот на Црна Гора. На состанокот присуствуваа амбасадорката на Црна Гора во Северна Македонија, Марија Петровиќ, и првиот секретар во амбасадата на Црна Гора Ивана Шикмановиќ, пишува „Дан“.
Инаку, Азески, утрово до медиумите испрати соопштение во кое вели дека му било чест што бил почесен конзул на државата Црна Гора.
„Црна Гора е независна и суверена држава, која согласно Уставот е дефинирана како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото. Иако независноста на Црна Гора е обновена на 3 јуни 2006 година, со истапувањето од државната заедница со Србија, таа претставува една од најстарите европски држави. На овие простори се простирала латинската провинција Превалис, средновековната држава Зета, а денес современата држава Црна Гора, која претставува своевидна раскрсница на која се испреплетени повеќе историски случувања, народи и култури (илирска, словенска, византиска, турска), како и религии (христијанска и исламска), кои оставиле свои траги до денешен ден.
Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна гора ѝ посакувам брз развој и просперитет, а на компаниите поголем профит“, вели Азески во соопштението до медиумите. (Н.В.)