Владата во оставка – Силјановска бара пратенички прашања


Пратеничката Гордана Силјановска укажа на тоа дека утре, по констатирање на оставката на премиерот Зоран Заев во Собранието, нема зошто да не се одржи седница за пратенички прашања, како што претходно најави спикерот Талат Џафери.

– Во членот 93 во ставот 5 јасно стои дека Владата на која е изгласана недоверба или која поднела оставка во случајот наш, или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието останува на должност до избор на нова Влада. Значи во правото постои институтот Влада во оставка. И Владата во оставка е Влада која што има одговорност. И јас сега укажувам на еден чуден феномен. Имено, од 24-ти јуни ние не сме имале пратенички прашања што значи дека не сме можеле да ја оствариме контролната функција во името на граѓаните. Според Деловникот односно одредбата во Деловникот вели дека пратенички прашања се поставуваат во последниот четврток во месецот – вели Силјановска.

Таа појасни дека координаторите на пратеничките групи, со спикерот Талат Џафери договориле пратенички прашања да има утре, место последниот четврток во месецот, затоа што тој се паѓа на 30 декември пред Нова година.

– Значи сакаме да кажеме дека не се откажуваме од уставно загарантираното право на пратенички прашања. Само уште една напомена. Ние сме непознат феномен во поглед на пратеничките прашања за што јас одговорно тврдам дека не само што нема земја во ЕУ, туку и во Европа во која пратенички прашања се поставуваат еднаш во месецот. Најчестиот пример е еднаш во неделата, а постојат и држави далеку сме ние од нив, како Британија каде што секој ден има пратенички прашања или секоја седница почнува со пратенички прашања, а еден ден одговара премиерот на пратенички прашања. Зошто? Бидејќи пратеничките прашања не се креација апстрактна на пратениците, туку соодветствуваат на интересите и потребите на граѓаните. Значи на пример ако во Република Ирска годишно се поставуваат верувале или не околу 25 илјади пратенички прашања, а во Франција 5.400 кај нас помнежете 10 месеци по 20-тина пратенички прашања во просек оти не стигнуваме повеќе од 8 до 10 пратеници тоа би биле помалку од 250 пратеници. Тој институт question time време за прашање е светински труд, но кај нас со месеци не постои – вели Силјановска.

Таа смета дека се работи за важно прашање на демократијата кое се вика пратенички прашања и дека и премиерот во оставка и министрите во оставка и Владата во оставка се должни се до изборот на новата Влада да одговорат на горливите прашања на граѓаните поставени преку пратениците.