Владата влезе во нова фаза со Алтернатива, Филипче си оди


Зоран Заев и Африм Гаши изјавија дека со овој договор владата треба да го одработи својот мандат до 2024 година бидејќи ќе има стабилно мнозинство (Фото: Б. Грданоски)

Алтернатива ќе ги добие министерствата за здравство и информатичка технологија. Министрите ќе стапат на должност не во владата на Заев, туку на онаа што ќе ја формира новиот мандатар, а тој ќе биде новиот лидер на СДСМ

 

Од влада на самиот раб на паѓање, од денес има влада која го зголеми мнозинството во парламентот.

Премиерот Зоран Заев и Африм Гаши, го потпишаа денеска договорот за влегување на Алтернатива во Владата и со тоа парламентарното мнозининство се зголеми на 64 пратеници и, барем во овој момент, се стави крај на владината криза. Заев и Гаши најавија дека новото мнозинство има цел да го истера мандатот до 2024 година.

Алтернатива ќе добие три министерски места во Владата – едно ќе отстапи СДСМ, едно ДУИ, а ќе има министер без ресор задолжен за дијаспората. Венко Филипче си заминува од Министерството за здравство, а најверојатен негов наследник ќе биде Беким Сали, кој е генерален секретар на Алтернатива и беше кандидат за градоначалник на Чаир на локалните избори. Заев, за новинарско прашање изјави дека нема ништо против д-р Сали да биде министер за здравство, но дека за тоа одлука треба да донесат органите на Алтернатива. Јетон Шаќири си заминува од Министерството за информатичко општество и администрација, но не се знае кој би бил неговиот можен наследник.

Заев рече дека Филипче бил најдобар министер за здравство што досега го имала државата, но во интерес на иднината на државата, почетокот на преговорите со ЕУ и стабилноста на мнозинството со влегувањето на Алтернатива, некои компромиси морале да се направат.

Тој изјави дека нема промени во неговата одлука да си замине од премиерското место, дека останува на оваа функција уште дваесетина дена додека се избере новиот лидер на СДСМ на 12 декември и дека првиот човек на партија ќе биде и следниот мандатар, кој потоа ќе ја формира и новата влада. Заев отворено изјави дека очекува Димитар Ковачевски да биде новиот претседател на СДСМ и премиер, иако на гласањето на членовите на партијата идната недела учествуваат „тројца другари“.

Заев уште додаде дека новите министри нема да бидат во владата која тој ја води уште неколку недели, туку дека ќе станат дел од Владата која ќе ја формира идниот мандатар. „Јас сметам на Филипче во мојот приватен живот, ние сме пријатели и сега кога двајцата ќе биде ослободени од политичките функции ќе имаме повеќе време да се дружиме“, рече Заев, објаснувајќи ги односите со министерот и неврохирург Венко Филипче.

И Заев и Гаши во изјавите многу внимание им посветија на преговорите со Бугарија, можноста Софија да ја крене блокадата до крајот на декември или почетокот на јануари. Гаши рече дека во разговорите никогаш не влегле со уцени или условувања, туку дека влегувањето во Владата било да преземат голема одговорност за владеењето во ови кризни моменти за државата – од енергетската и здравствената криза, до владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во рамките на договорот и директорското место во МЕПСО ќе биде на предлог на Алтернатива. Гаши изјави дека дел од овој договор е да се испрати писмо до Европската комисија да испрати стручна помош за истрага во случаите како „Диво насеље“, смртта на малиот Алмир…

Договор да се реши кризата (Фото: Б. Грданоски)

Премиерот Заев беше внимателен одговарајќи на прашањата што очекува во наредните недели од преговорите со Бугарија. Тој спомена дека македонските одговори на петте точки веќе се испратени до Софија и дека со формирањето на новата влада во Бугарија ќе се отворат многу нови можности за конечне да се дојде до компромис и договор меѓу двете земји. Заев, сепак, не сакаше да дава посилни ветувања дека тоа навистина ќе се случи, затоа што работата не е само кај македонската страна.

Претходно во своето обраќање, Заев рече дека „стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека  новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија. Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Како коалицискии партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, едногласни сме дека на Северна Македонија ѝ е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување“.

Според него, стабилното парламентарното мнозинство ќе им стави „крај на опструкциите во Собранието“. За да се обезбеди тоа стабилно мнозинство ќе има и уште неколку други министри без ресор за подобро справување со домашните и глобалните предизвици. Алтернатива ќе назначи и три заменици министри, од кои еден во Министерството за образование и наука и еден во Министерството за култура. „За третиот ресор останува дополнително да прецизираме, иако разговаравме за заменик-министер за земјоделство“, рече Заев.

Алтернатива ќе преземе одговорност во менаџирањето на раководните и управувачките органи во повеќе институции на централно и подрачно ниво. Меѓу нив се МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др. (Н.В.)