Владата вели дека Кочани е „заедничка борба“, но премиерот и министрите не одат кај родителите
Родителите од Кочани им порачуваат на премиерот, министрите и претседателката – дека се оставени сами. Дека нивната борба е заедничка, но родителска

Трагедијата во Кочани станува претежок камен околу вратот за Владата на Христијан Мицкоски, а таа не успева да изнајде наратив не само како да се справи со последиците, туку и на најчовечко ниво да најде допирна точка со родителите на загинатите. Многумина тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ дека на пропагандно ниво партијата работи како подмачкано со високо ниво на ефикасност, но изгледа дека запчаниците за кризен менаџмент зарѓале и реакциите кога треба да се покаже човечност не им се познати, туку само кога треба да се напаѓа и дисквалификува.
Тоа се виде во неделата кога премиерот Мицкоски викаше на сет глас од партиски собир во Велес дека имало скриена агенда и манипулација со темата за трагедијата во Кочани и маката, тагата и непреболот на родителите на загинатите деца. Тој рече дека „едно граѓанско движење преминува во политичко движење“. Па ја споменуваше судбината на девојчето Тамара од Велес, убиството на Мартин Нешковски (и двете во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ), а и убиствата на крај Смилковското Езеро (исто во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ).
Организацијата „Сапорт Кочани“ која помага на семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, по изјавите на Мицкоски им порача властите да не ја саботираат нивната работа и да ѝ да лепат политички етикети. А премиерот да не го убива ентузијазмот на луѓето.
Таа тирада на Мицкоски дојде по саботниот марш на родителите на загинатите од Кочани, кај кои се зголемува гневот и револтот и побараа оставки од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од премиерот и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Таткото на еден од загинатите, зборувајќи за бесчувствителноста на функционерите, ја нарече претседателката Сиљановска „маќеа“, а не мајка на нацијата.
Владата се обидува да најде начин како да се приближи до родителите и повредените, но тоа не ѝ успева. Отако извештаите од болницата во Кочани за условите во кои се лекуваат повредените ја вчудоневидија и загрижија македонската јавност (која им оддаде целосно признание на малубројните медицински работници) Владата реши да го отстапи одморалиштато на МВР на Пониква за медицинска нега на повредените.
Тоа можеби изгледа како добар потег, но за повредените Пониква не треба да биде еден вид санаториум, туку им е потребна целосно опремена медицинска установа. Сега во Пониква треба да се префла, условно речено, полска болница, за да се лечат тешките изгореници на повредените. Колку и да големи пофалбите во некои медиуми за ваквиот потег на Владата, тоа е само ад хок решение, без суштина. Министерството за здравство треба да објасни што сѐ ќе биде префрлено од медицински апарати, специјални ракавици, масти и други нешта во одморалиштето во Пониква. Кога ќе се случи тоа и колку медицински лица ќе работат таму. Ќе бидат ли тие префрлани од болницата во Кочани, ќе бидат ли донесени други од различни градови. И дали ако медицинските лица од Кочани се префрлат во Кочани болницата во градот ќе остане без неопходниот кадар.
Еден пропаганден блесок не ја осветлува целата сцена.
Владата во денешното обраќање до јавноста пак кажува дека нејзина обврска била „целосна истрага и расветлување на случајот, носење на сите инволвирани лица пред правдата и соодветна здравствена заштита и медицинска помош на сите повредени и нивни семејства“. Па повторува по кој знае кој пат дека обезбедила 30 милиони денари за транспортот и сместувањето на за членовите на семејствата на повредените пациенти. Па дека, нејзината гржа не завршувала и наведува: „Отворивме телефонска линија која е во директна комуникација со претседателот на Владата. Повредените и нивните семејства можат да се јават на телефонскиот број 070/355-526 за да ги искажат своите барања, конкретни предлози и потреби кои ги имаат“.
Владата вели: „Ова е заедничка борба, ниту повредените, ниту семејствата на починатите млади лица не се сами“.
Секоја сабота од траорниот марш родителите од Кочани им порачуваат на премиерот, министрите и претседателката – дека се оставени сами. Дека тоа што прават навистина е заедничка борба, но само нивна, родителска. Дека државата и властите не знаат како да им помогне. Ним им требаат и зборови поддршка, а и утеха. А нив ги нема и затоа гневот е толку голем. Премиерот и министрите изгледа дека го немаат основниот момент на сочувство или пак се премногу уплашени од соочување со тажните родители, кои веќе не веруваат на зборовите. Што и да е, Кочани ја изгуби својата младост, а Владата и ВМРО-ДПМНЕ го загубија Кочани, луѓето во него. А заедно со Кочани изгледа дека ја губат довербата и многу пошироко. (Љ.П.)