Владата стокмена, се чекаат имињата на министрите


СДСМ и коалицијата во новата влада ќе имаат 12 министри. Некои од сегашнава влада ќе останат и во новата, но очигледно дека ќе има ротација во ресорите, затоа што дел од нив доби ДУИ. Она што јавноста најмногу ја интересира е кој ќе биде новиот шеф на дипломатијата, министер за финансии и за правда

 

Вечерва би требало да заврши последната фаза од преговорите за новата влада со тоа што највисоките органи на СДСМ и ДУИ треба и официјално да ја одобрат коалицијата на двете партии и исто така да се одредат луѓето кои ќе бидат на чело на министерствата. Доколку сѐ се заврши онака како што најавија вчера Зоран Заев и Али Ахмети тогаш продолжението на конститутивната седница на Собранието би можело да се закаже за в петок, кога треба да се избере составот на Комисијата за избори и именувања, а потоа и Талат Џафери да биде избран за претседател на парламентот. Тогаш до Џафери би требало се достави предлогот за изборот на новата влада и целата процедура можеби да се заврши до почетокот на септември, што би бил исклучително краток рок по изборите.

Откако беше симнато од дневен ред прашањето дали СДСМ и ДУИ ќе успеат да најдат заеднички јазик по отровните стрели што си ги пуштаа за време на кампањата, клучот за ефикасното и квалитетното функционирање на новата влада ќе зависи од личностите кои ќе бидат на чело на министерствата. Изборните резултати го зголемија парчето од колачот што во владата ќе го има ДУИ, без оглед што има три пати помалку пратеници од коалицијата на СДСМ.

На партиските органи вечер ќе им биде претставена поделбата на ресорите во новата влада и не треба да има никаков сомнеж дека тоа ќе биде прифатено. Според таа поделба коалицијата на СДСМ „Можеме“ ќе го добие премиерското место, потоа ќе има двајца вицепремиери – за економски прашања и европски прашања; ресорите за правда, транспорт и врски, внатрешни работи, образование, труд и социјална политика, здравство, култура, одбрана, земјоделство и локална самоуправа. Тоа значи дека коалицијата „Можеме“ ќе има 12 министри. Од нив, најверојатно 11 ќе бидат од СДСМ и еден од Беса (се зборува за ресорот земјоделство).

ДУИ ќе ги раководи двата клучни економски ресори – за финансии и економија, потоа партијата ќе номинира министер за надворешни работи (тоа ќе биде прв пат во независната историја на Македонија претставник на партија на Албанците да биде шеф на дипломатијата), министер за информатичко општество и администрација, министер за екологија, а би требало да го зачува и вицепремиерското место за политички систем.

Повеќемина од досегашните министерски кадри ќе останат во владата, но веројатно на сменети позиции, но ќе има и повеќе нови личности. Она што е сосем сигурно е дека Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Венко Филипче ќе бидат и во новиот кабинет на Зоран Заев. Со голема сигурност се претпоставува дека Спасовски, Царовска и Филипче ќе ги задржат досегашните ресори – за внатрешни работи, за труд и здравство. Во каква ротација ќе влезат Шекеринска и Димитров уште не знае. Дел од инфомациите велат дека Шекеринска ќе биде вицепермиер на евроинтеграции (функција што ја извршуваше извонредно успешно од 2002 до 2006), а според други дека таа ќе биде идната министерка за образование. Димитров, наводно, би можел да замине во Министерството за правда. СДСМ во новата влада ќе треба најмногу да испорача во владеењето на правото па е исклучително важно кој ќе го води овој ресор.

Едно од важните прашања за СДСМ е кој ќе биде вицепремиер за економски прашања, а потоа и министер за транспорт и врски. Неизвесно е дали досегашниот министер Горан Сугарески ќе ја задржи функцијата (повеќето информации велат дека тој ќе биде заменет со друг). Важно е и кој ќе застане на чело на ресорот што треба да ја опорави ничкосната култура. Исто така, од голема важност за новиот кабинет е кој ќе биде новиот генерален секретар на владата. Досегашниот, Драги Рашковски, беше вмешан во повеќе корупциски афери (иако ниедна од нив не беше целосно докажана), но неговиот углед е сериозно нарушен и може да му биде камен околу вратот на Заев.

Важно прашање за СДСМ е дали во новата влада ќе влезе и генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски. Се споменува дека тој би можел да биде министер за одбрана, па и генерален секретар на владата, но тогаш ќе мора да се откаже од функцијата во СДСМ. Тој оствари извонреден резултат на изборите во Третата изборна единица – ги израмни гласовите со главниот политички ривал, па нема да биде неочекувано ако остане и натаму во партијата да ја организира за локалните избори што ќе се одржат идната есен.

Од она што се знае за кадрите на ДУИ сосем веројатно дека нов министер за финансии ќе биде Фатмир Бесими, кој во едни други влади беше и министер за акономија и вицепремиер за евроинтеграции, а едно време и вицегувернер. Она што изгледа најмногу ја интересира јавноста е кој ќе биде новиот шеф на дипломатијата – дали досегашниот вицепремиер Бујар Османи (кој заврши голема работа во нашето приближување кон ЕУ) или можеби десната рака на Ахмети во партијата, Артан Груби. И двајцата не се дел од новиот пратенички состав. Или можеби Теута Арифи, која сега е градоначалник на Тетово.

Потоа, важно прашање е дали Насер Зибери, кандидатот за премиер, ќе влезе во владата како вицепремиер за политички систем (место што досега го држеше комплетно невидливиот Садула Дураку), а оттаму во последните сто дена да биде и премиер. Тој денеска изјави единствено „немам коментар“ на прашањето за коалицискиот договор меѓу Ахмети и Заев. Дали тој ќе остане надвор од министерските комбинаторики би требало да се знае вечерва, а и нему ќе му стане јасно дали бил само за еднократна употреба.

Исто така, едно од клучните прашања е кој ќе биде на чело на Министерството за информатичка технологија и администрација, затоа што според коалицискиот договор администрацијата треба да биде намалена за 20 отсто и сигурно дека тој кадар на ДУИ ќе треба да ги издржи најжестоките критики кога ќе треба да се отпуштаат вработени од државните институции. Изгледа веројатно дека Насер Нуредини (сега пратеник) ќе го задржи местото министер за екологија. (Љ.П.)