Владата размислува со закон да ги исфрли воените лица од партиите


Прашана за коментар за изборот на Драги Ковачки, полковник на Армијата, за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, министерката Радмила Шекеринска оцени денес  дека тоа не е добро ниту за државата, ниту за Армијата.

– Замислете ситуација имаме ние началник, заменик началник и директор на ГШ. Замислете едниот да отиде во СДСМ, другиот во ВМРО, третиот во ДУИ, а дел од полковниците да заминат, не знам, во ЛДП или во Алијанса. На што ќе личи таа Армија и како ќе се чувствуваат припадниците на Армијата кога луѓето кои ги раководат имаат униформа и се заколнале на таа униформа, на таа Армија, на таа држава, а тераат партиска политика. Мислам дека не случајно порано, иако немало целосни законски ограничувања, сите воделе сметка дека Армијата треба да ја држиме над политиката, рече Шекеринска.

Таа истакна дека ова прашање било отворено и на седницата на Советот за безбедност, и оти став на сите бил дека можеби треба да се размислува ваквите прашања да се регулираат законски, како што е регулирано и за некои други професии.