Владата со Уредба ги замрзна изборните дејствија, ќе продолжат по вонредната состојба


На синоќешната седница Владата донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите и за сите прашања поврзани со изборниот процес.

Како што се вели во соопштението од Владата, одлуката е донесена заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на корона вирусот, и заради тоа што Собранието не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.

„Во такви услови, а заради неопходната потреба успешно да се спроведат мерките за справување со корона вирусот во земјата, Владата донесе Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година“, се вели во соопштението.

Истовремено, се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и да ја чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, кои ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба.

Уредбата исто така, определува задолжување за Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија, се вели во владиното соопштение.