Владата со Советот на Европа креира принципи за добро владеење


Од работилницата со странски и домашни експерти за добро владеење

 

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, заедно со претставници и експерти од Советот на Европа, организираше дводневна работилницата на која ќе се дефинираат механизмите за креирање систем со цел посуштински и целосно да се имплементираат принципите за добро владеење, кои се значаен предуслов за градење ефикасен систем за услуги кон граѓаните.

Со цел да се обезбеди поширок консензус во имплементација на приоритетите учество на работилницата имаат и претставници на Собранието, како и претставници на Министерството за локална самоуправа, Министерството за информатичко општество и администрација, Заедницата на единиците на локална самоуправа, Државниот завод за ревизија, како и претставници од академската заедница. Целиот процес се одвива заедно со граѓанскиот сектор, кој се наметна како главен партнер во креирањето политики за добро владеење.

Грковска ги потенцираше клучните принципи за добро владеење, како што се транспарентоста, отчетноста, ефикасноста, владеењето на правото, инклузивноста и отвореноста на институциите кон граѓаните. Преку овие принципи ќе се зголеми контролата врз трошењето на јавните средства, ќе се влијае врз начинот на кој се креираат политиките за добро владеење, но и врз одлуките кои се носат од страна на институциите. 

На работилницата беше истакнато дека е значајна меѓународната финансиска помош, но дека уште позначајно е да се направат радикални промени во институциите, во начинот на нивното функционирање и нивниот однос кон граѓаните.