Владата со осуда за инцидентот пред Конзулатот во Мелбурн


Фото: Б. Грданоски

Владата денеска најостро го осуди инцидетот што изутрината се случил пред Конзулатот на Република Северна Македонија во Мелбурн.

Група македонски иселеници изутрината се собрале пред македонскиот Конзулат во Мелбурн каде запалиле грчко и бугарско знаме и картонска макета од премиерот Зоран Заев и вицепремиерката Радмила Шекеринска, извикувајќи навреди за актуелната власт.

-Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалското и недолично однесување на мала група пред конзулатот на Република Северна Македонија во Мелбурн. Ваквите дејствија го нарушуваат имиџот на земјата, на македонскиот народ и на граѓаните на Северна Македонија во очите на демократската јавност. Говорот на омраза е одлика на едно минато и напуштено време на кое мнозинството од граѓаните во земјава и дијаспората се спротивставија и кое е неприфатливо за домашните и глобалните демократски стандарди, се наведува во реакцијата на Владата, која на својот ФБ профил ја објави министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.

Се додава дека говорот на омраза поттикнува насилство, а сите кои потпалуваат нетрпение и конфликти треба да одговараат пред надлежните институции.

-Палењето знамиња на држави и макети од премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, не се никаква одлика на патриотизам, ниту пак се слика за нашата дијаспора. Овие срамни изолирани дејствија нема да наштетат на гордоста да се биде Македонец или граѓанин на нашата земја, дома или надвор од границите на Република Северна Македонија, се вели во реакцијата.