Владата со јавен повик бара хотели со над 50 легла за државни карантини


Фото: Б. Грданоски

Владата преку јавен повик за изразување интерес бара хотели кои имаат над 50 легла, за формирање државни карантини за справување со корона вирусот.

Јавниот повик се однесува на „сите хотели во државата кои имаат повеќе од 50 легла и кои се заинтересирани доброволно да ги отстапат своите капацитети за формирање државни карантини за населението со цел справување со корона вирусот.

Максималниот надомест кој државата може да го обезбеди за капацитетите на хотелите изнесува до 10 евра (денарска противвредност) по легло, по ден.

Хотелите кои ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин којшто ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот.

Крајниот рок за пријавување е понеделник, 23 март, до 14 часот, преку испраќање писмо за намери на емаил адресата [email protected], соопшти вечерва Владата.