Владата секогаш ќе реагира ако ВМРО-ДПМНЕ или некоја друга партија дезинформираат околу јавното здравје, вели Марјан Забрчанец


Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, изјави дека задача на Владата е секогаш да реагира кога некои партии или поединци ќе ја дезинфмираат јавноста, особено кога е во прашање здравјето на населението. Тој посебно го посочува примерот од почетокот на пандемијата, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека имало само уште сто тестови за Ковид-19.

„Владата секогаш ќе реагира и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон секоја друга партија ако е во прашање дезинформација која му штети на јавното здравје. Ако вие излезете и во име на политичка партија или компанија или друг чинител објавите информација дека во земјава има уште 100 тестови за Ковид, а притоа секојдневно се тестираат по 300, а сега веќе и по 1.000 и над 1.000, Владата е нужно да излезе и да се спротивстави на таквите дезинформации во интерес на спречување на ширење паника кај населението“, изјави Забрчанец во емисијата „25 минути“ на Телевизија 24.

Забрчанец вели дека многу важна е брзината на реагирање, но и брзата проверка на фактите и на точноста на некоја информација. Владата е сериозна институција која не смее да помисли да дезинформира, но од друга страна постојано е во борба со сузбивање на лажните вести кои ѝ штетат на демократијата, а во случајов на јавното здравје.

„Тој кризен протокол на комуницирање ни наложува и нѐ стави во функција да имаме активна транспарентност и секогаш брзо да информираме, а од друга страна секогаш кога ќе ни алармира појава на информација, која што или е експлицитно лажна или не сме сигурни дали е точна, веднаш да ја провериме и брзо да ја демантираме оневозможувајќи таа понатаму да добие поширока пенетрација низ јавниот дискурс“, рече Забрчанец. Според него, дезинформациите во услови на пандемија се особено штетни и тие можат многу сериозно да влијаат врз јавното здравје, што е многу поголема последица од тоа некому да му се нанесе политичка штета.