Владата сака да враќа амбасадори без исполнети услови за тоа
Собранието не го усвои барањето на СДСМ да има јавна расправа за измените на Законот за јавни набавки
Собранието денеска усвои две автентични толкувања – на член 39 став 3 и на член 45 став (4) од Законот за надворешни работи, со кои се отвора врата да се враќаат назад амбасадори без да бидат исполнети услови за тоа.
Откако предлогот беше преставен пред пратениците за збор се јави Оливер Спасовски кој оцени дека со автентичното толкување на член 45 став (4) од Законот за надворешни работи се сака на „мала врата“ да се создаде нов услов за разрешување амбасадори.
На тоа реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е предлагач на двете автентични толкувања. Како што објасни Стојановски, со автентичните толкувања не се бара ништо плус, туку се допрецизираат членови и ставови.
-Јас сум предлагач на двете автентични толкувања, а со нив не се бара нова можност, туку да се допрецизираат одредби. Ова подразбира дека покрај претходните услови за отповикување на амбасадорите од претседателот, иницијатива за отповикување на амбасадорот може да покрене и Владата на барање на министерот. Претходните години имаше директно прекршување на Законот и силеџиство, без да се помине филтерот во Собрание. Се срамиме какви луѓе праќавте во светот да ја претставуваат државата, рече Стојановски.
По усвојувањето на автентичните толкувања, претседателот на Собранието Африм Гаши ја прекина 27. седница и рече дека за продолжението пратениците ќе бидат дополнително известени.
Собранието не го усвои барањето на пратениците од СДСМ за јавна расправа по Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за јавни набавки. Инаку овој предлог покрена големи реакции во јавноста, а особено меѓу невладините организации што се фокусирани на контрола на јавните набавки кои оценија дека со овој закон се отвора простор за големи злоупотреби.
Анткорупциската платформа укажува дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки (БЈН) се сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции.
„Се укинува управната контрола на постапките за јавни набавки што ја правеше Бирото за јавни набавки (БЈН), која досега покажа успех и спречи доста сомнителни набавки да се случат, но требаше да се засили, а не да се укине. Се враќа на мала врата некогашното зло – Советот за јавни набавки, само што сега тендерските документации ќе ги ‘проверува’ Бирото за јавни набавки, што е централизирана контрола во децентрализиран ситем на набавки. Во услови кога водиме во светот според бројот на поништени постапки, се додаваат две нови можности, на постојните седум, за поништување на тендерите. За двајца се зголемува бројот на членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН), од пет на седуммина, а наместо потврда за познавање странски јазик се бара само ‘активно да познава’, односно сам/а да си каже дека познава некој јазик. Член на ДКЖЈН ќе може да се смени и ако ‘незаконски или нестручно ја обавува својата должност’, ама не пишува кој ќе го оцени тоа. Со сила на закон се менуваат членовите на Државната комисија за жалби додека им трае мандатот, а тоа е независна комисија“, оценија од невладината организација Центар за граѓански комуникации (ЦГК) за предложените законски измени.
На измените реагираше и Левица која оцени дека нефункционално Биро за јавни набавки (БЈН) „е желба за алчните апетити на секоја власт“.
„Преку ова, на функционерите им се остава зголемен простор за маневар и злоупотреба на народните пари. Па, така, далеку од очите на јавноста, наместо за јавно добро, буџетите се распределуваат во корист на партиите на власт и бизнис елитата којашто гравитира околу нив.Фактот дека БЈН за периодот од 2019 до 2021 нема спроведено управна контрола по случаен избор на постапки за јавна набавки, а во 2022 година се направени само две – илустрира влијание од партиите на власт врз самата институција. Ова е директна последица на системското оставање на институцијата без кадар. Односно, во Секторот за управна контрола од предвидените 18 – пополнети се само 7 работни места, додека за нормално функционирање се потребни минимум 30 вработени. На сето ова, наместо засилување на борбата против корупцијата, ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието предложија законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки. Оваа политика ги отвора вратите за корупциско дејствување на функционерите од сопствените редови и тоа во период кога ќе се распределуваат милионите од унгарскиот кредит“, оценија од Левица.