Владата сака да расправа за синдикалната кошница, синдикатите за минималната плата
Минималната плата денеска не е на дневен ред како посебна точка на Економско – социјалниот совет, но за неа сепак ќе се расправа под точката разно, најавија синдикалците пред трипартитниот состанок во Владата, помеѓу владини претставници, работодавците и на синдикатите.
„ССМ ја доби поканата за денешниот состанок на Економско – социјалниот совет, но за жал нема точка за зголемување на платите, туку има точка да ја разгледуваме минималната синдикална кошница. Веројатно ќе не убедуваат дека добро се живее во Македонија и дека нема потреба од зголемување на платите“, изјави пред средбата во Владата, претсдателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов.
Ова доаѓа откако минатата недела премиерот Христијан Мицкоски, од собраниската говорница рече дека имал докази дека се манипулира со цените на производите што се дел од синдикалната кошница, односно дека таа била „надуена“, како и дека „македонската јавност треба да знае дека врз грбот на народот се прави политика од најнизок вид, се манипулира при пресметката, а ја пресметуваат поранешни функционери од СДСМ“.
„Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15% помалку. Ова ќе го презентирам на Економско социјалниот совет и тоа со слики, да се видат вистински цени“, потенцираше премиерот Мицкоски во четвртокот на собраниската седница одговарајќи на пратенички прашања.
Трендафилов денеска рече дека ССМ имале седница на Претседателството и дека дошле денес за да побараат прва точка да биде токму растот на платите во приватниот и во јавниот сектор.
„Се разбира дека имаме наши предлози кои ќе ги презентираме пред социјалните партнери. ССМ одржа средби со претставници на Организацијата на работодавачи, на Бизнис конфедерацијата на работодавачи, со Стопанската комора на северозападна Македонија и ги знаеме до некаде и нивните првични гледишта по однос на нашите предлози. Сметаме дека две минимални плати треба да ја покриваат синдикалната минимална кошница“, вели Трендафилов.
Тој додаде дека минималната плата треба да се зголеми колку што викаат и самите работовачи.
„Треба срам да не фати нас синдикалците да кажуваме помалку од тоа што работодавачите сакаат да ни го дадат. Треба да најдеме начин доколку работодавачите имаат желба, да се зголемат платите на сите вработени во приватниот сектор, да се изнајде решение со кое Владата ќе го помогне процесот, односно ќе субвенционира дел од придонесите или ќе бидат ослободени за временски период. Се разбира дека така ќе се елиминира сивата економија во делот на платите во плико, која ја чини касата 250 милиони евра“, изјави Трендафилов.
Неодамна Стопанската комора на северозападна комора излезе со предлог минималната плата да изнесува 500 евра, но придонесите да останат на нивото на сегашната минимална плата.
Овој став минатата недела го потврди и претседателот на комората, Менди Ќира, кој смета дека тоа е единствен начин да се реши минималецот на подолг период.
„Да, ние стоиме на тој став минималната плата да биде 31.500 денари и придонесите да останат исти и мислиме дека тоа е единствена солуција и начин да се реши минималната плата за подолги години, изјави Ќира.
Минимална плата во земјава добиваат околу 20 илјади вработени, вели Благоја Ралповски претседател на КСС.
И тој пред состаиокот на Економско – сопцијалниот совет потврди дека минималната плата не е на дневен ред, туку потрошувачките кошници кои во континуитет се зголемуваат последните неколку години.
Треба заеднички да изнајдеме модел како да се зауиздаат зените и да може платите кога се зголемуваат да имаат вредност и инфалцијата да биде на стабилно ниво.
Тој псоочи дека секако ќе се разговарта за минималната плата за која има форумла како дфа се зфголеми во март
„Ние ќе дадеме свои идеи за зголемување на минималната плата повеќе од она што е предвидено според законот. Тука ќе бидеме со Владата и со работодавачите, ќе се погледнеме да видиме како може да помогнеме барем на оние најсиромашни работници кои што земаат минимална плата, а тоа се околу 20 илјади работници“, рече Ралповски.
Премиерот Мицкоски во повеќе наврати прашањето за минималната плата го префрли на договор меѓу работодавачите и синдикатите и изјави дека Владата ќе прифати решение кое тие ќе го договорат. Но, во однос на потрошувачката кошница смета дека методологијата за нејзина пресметка била манимпулација на поранешни функционери на СДСМ, како и дека е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена.
Миле Бошков: Ако помогне Владата, минималната плата може да е и над 450 евра
Можно е да се постигне и поголема минимална плата од 450 евра ако Владата помогне преку социјалните придонеси, велат работодавачите. Тие денеска, пред седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), изјавија дека секое покачување што ќе го издвојат во износ од 1.000 до 9.000 денари треба да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќа од нивна страна во целост.
„Нашиот предлог е за покачувањето од 1.000 до 9.000 денари да може да ни помогне државата околу придонесите. Секое покачување што ќе го издвојат работодавачите во износ од 1.000 до 9.000 денари да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, да се надеваме со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќаат во целост. Од моменталните 24.800 денари што ги очекуваме во март до 34.000 денари да има субвенции во социјалните придонеси. Тоа е околу 9.000 денари. Предлогот на синдикатите е 27.000 или 450 евра, но ние имаме шанси, ако бидеме поддржани од Владата со социјалните придонеси, тие плати да бидат зголемени за да постигнеме и малку поголем износ на минимална плата во регионот. Тоа значи дека минималецот понатаму би го договарале со колективни договори во секој сектор, но основата на покачувањето секоја година во март да биде согласно утврдената методологија, а со посебни колективни договори со синдикатите да има плус покачување. Тоа се некои решенија кои ние ги предлагаме, синдикатите имаат нешто слично, но најважно е бројот на компании и вработени да останат, објасни Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија, пред седницата на ЕСС по која се очекува да бидат соопштени ставовите на сите партнери во дијалогот.
Бошков напомена и дека наглото покачување на минималната плата е голем товар за микро, малите и средните фирми, особено во занаетчиската дејност.