Владата сака да купи авион, а бара лекови за Онкологија, преку донации. Дали е ова нормално, прашува СДСМ


 

Проблемот со биолошката терапија на најзагриозените пациенти со канцер стана жежок костен за властите, особено затоа што дојде заедно со најавата дека владата сакала да купи нов авион, затоа што сегашниот многу се расипувал. СДСМ тврди дека во здравството настанал хаос откако министер е Арбен Таравари.

„Владата ќе купива авион од стотина милиони евра, а решението за лекови на Онкологија го бара преку донации. Ова што се случува едноставно не нормално.

Цела недела нема лекови на Онкологија кои се животно потребни. Пациентите од цела Македонија се соочуваат со недостиг од онколошка терапија, недостаток на здравствен кадар и неприфатливи услови за лекување.

Овој хаос во здравството е јасен показател за неспособноста на премиерот Мицкоски и министерот Таравари да се справат со потребите на граѓаните и да го подобрат здравствениот систем.

Ветените реформи и подобрувања останаа празни зборови и куп лаги.

Власта веднаш треба да се откаже од аздисаното трошење на парите за луксузирање на владините функционери и да ги насочи кон реални потреби на луѓето.

Го повикуваме Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување итно да преземат мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти.

Бараме итно зголемување на здравствениот кадар и подобрување на условите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Животите на граѓаните не смеат да бидат предмет на неодговорност и игнорантност“, вели во соопштението СДСМ.