Владата решена да го разреши Коцевски, со реална или измислена причина

Откако од 2006 година јавните обвинители се избираат и разрешуваат на предлог на Владата, сите паднаа како жртви на политичките промени


Државниот обвинител Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)

До Советот на јавни обвинители досега не е доставен предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски – изјави претседателката на Советот, Душица Димитриеска, по вчерашната одлука со која Владата го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на републичкиот јавен обвинител. Додаде дека во врска со иницијативата Советот ќе постапува согласно законот, со почитување на сите рокови.

Според домашното законодавство, одговорност на јавен обвинител или член на Советот на јавни обвинители утврдува Советот на јавни обвинители, во пропишана постапка. Сепак, ниту во Законот за јавното обвинителство ниту во Законот за Советот на јавни обвинители не е опишана посебна постапка – како се утврдува дисциплинска одговорност или „тешка дисциплинска повреда“ на државниот јавен обвинител. Постапката за разрешување дојде откако Коцевски поради тешка дисциплинска повреда го суспендираше водечкиот двоец на Вишото јавно обвинителство, шефот Мустафа Хајрулахи и неговиот заменик Јован Цветановски.

Иако разрешувањето на обвинителот првпат ќе биде според новиот Закон за јавно обвинителство, донесен во 2020 година,  Владата има мнозинство да го разреши Коцевски, кого не може да го спаси ниту Советот на јавни обвинители, бидејќи Владата не мора да го почитува нивното мислење.

Изговор на Владата е дека Коцевски незаконски постапил при именувањето на вршителот на должност шеф на Вишото јавно обвинителство, односно за назначувањето на Наташа Крстевска Цалевска за в.д. шефица на ова обвинителство, чиј претходен шеф, Мустафа Хајрулахи, беше суспендиран, иако Коцевски објасни дека назначувањето е од времен карактер. И претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска тврди дека оваа одлука е донесена законски.

„Беше донесена одлука следејќи ги состојбите во Вишото јавно обвинителство каде што вишиот јавен обвинител е оддалечен од функцијата. Советот утврди дека е потребно во ова јавно обвинителство да се назначи обвинител што ќе раководи со Обвинителството. Таа одлука е едногласна – рече Димитриевска.

Професорот Гордан Калајџиев за „Слободен печат“ изјави дека власта, ако треба, и ќе му измисли дисциплинска повреда на Коцевски и дека со него е завршено.

„Колку што се сеќавам, досега не утврдувале дисциплинска одговорност, туку ги разрешуваа поради слаби резултати. Сега конфликтот, внатре во ЈО, според мене, беше тоа што ја прели чашата. Така гледано, разрешувањето има повеќе смисла отколку обична смена на власта. За волја на вистината, чудо е како Коцевски воопшто го избраа. Јас прв реагирав дека е анонимен и неспособен да биде лидер во вака тешки времиња – вели Калајџиев за „Слободен печат“.

Според него, друг проблем е дали некој сега воопшто ќе се нафати на таков предизвик.

„ Институција во распаѓање, притисоци од сите страни. Доволно е што има лоши меѓучовечки односи, плус слаби резултати “– вели професорот.

На прашањето како ќе се утврди дисциплинска повреда, со оглед на тоа што според новиот Закон за јавно обвинителство тоа може да биде една од основите за разрешувањето, Калајџиев потсетува како беше разрешена поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

„ На Вилма ѝ измислија повреда што ја немаше. За тоа уво не ги боли. Со Коцевски е завршено“ – додава професорот.

Сега се чека да се види какво образложение на предлогот ќе има Владата и врз кои основи ќе се заснова предлогот за разрешување. Првиот основ е тешка дисциплинска повреда, а вториот основ е членување во политичка партија.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денес изјави дека јавниот обвинител Љупчо Коцевски со месеци штити поранешни функционери на Социјалдемократскиот сојуз, а  Обвинителството го претворил во нивна филијала, теза што се повторува која и да е темата. Како што рече, МВР и другите институции повеле десетици постапки, а реализацијата од Обвинителството е рамна на нула.

Според владејачката партија, Коцевски е послушник на СДСМ, а дека Обвинителството не е на нивото на задачата, говори и последниот извештај на „Транспаренси“, во кој дури 4 точки се однесуваат на состојбите во Обвинителството и судството.

„ЈО водено од Љупчо Коцевски се стави во целосна заштита на функционерите на СДС и нивните блиски лица, кои со години ја крадеа државата. Дополнително, Љупчо Коцевски спроведуваше класично незаконие, како последното поставување вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за Јавното обвинителство“, рече Петрушевски.

Нешто подоцна, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање, тврдеше дека Коцевски имал доволно можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал, меѓутоа, како што рече – довербата не ја оправдал.

„ Но, очигледно, барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина. Така што мислам дека имаше тој доволно време да покаже, за жал, таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес“, изјави премиерот.

Според него, чесно и доблесно би било Државниот јавен обвинител самиот да се повлече, со цел да се избере обвинител кој ќе работи против криминалот и корупцијата во државата.

Обвинувањата против Коцевски почнаа со промената на власта и откако Вишото обвинителство го воскресна предметот за „бонусите на СЈО“, предмет што беше отфрлен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.