Владата претстави план „Европа дома“


Премиерот Зоран Заев, заедно со четворица министри, ја престави денес новата агенда на Владата наречена „Европа дома“ со која ќе се завршат реформи потребни за европеизација на земјата, со јасни обврски за институциите, со прецизни рокови и со механизам на следење на постигнатото. 

„Европа дома е роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во одреден рок треба да ги завршат за граѓаните да добијат подобри услуги и да покажеме дека Република Северна Македонија  заслужува преговори со ЕУ“, најави премиерот Заев. Тој посочи дека тие активности се дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ГРЕКО, Венецијанската комисија, Европската комисија и други меѓународни организации.  Акцентот, според него, е ставен на изборната реформа, на правосудството, на борбата против корупцијата и организирнаиот криминал, на темелните човекови права, на реформите во медиумската сфера, на економското владеење и на реформата во јавната администрација

„Долго сме во процесот и нема да запреме, нема да бидеме обесхрабрени. Продолжуваме со дипломатските напори за отстранување на бугарското вето. Продолжуваме со реформите за да ги донесеме европските стандарди дома. ‘Агенда дома’ е прилагодена на новата методологија за преговарање со ЕУ“,  рече Заев, додавајќи дека во обврските, покрај јакнењето на изборната рамка, јакнењето на капацитетите на судството, борбата со корупцијата и слично, се вклучени и екологијата и зајакнувањето на механизмот за управување и кординација со пристапните фондови. 

„Европеизацијата на македонското општество не може да чека. Таа се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел кое е кристално чисто, со безусловна препорака за старт на преговорите“, порача премиерот нагласувајќи дека за документот се консултирани земји членки на ЕУ, бидејќи целта е реформите да се направат на принципилена и темелна основа.

Според вицепремиерот Никола Димитров документот ќе биде патоказ за идните приоритетни активности на сите институции, во што влегува и овозможувањето увид во евиденцијата на предмети за висока корупција, соработка со ДКСК и спроведување на нејзините препораки, активно следење на мерките за зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО, како и јакнење на независноста на јавниот сервис и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.