Влада: До 6 март без јавни собири, спортските натпревари да се играат без публика


Владата денес препорача откажување на јавните собири до 6 март 2020 година, како превенција од ширење на корона вирусот. Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации.

Ова е дел од заклучоците од денешната владина седница на која беше прифатен предлогот на Управувачкиот комитет за управување со кризи, формиран врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство. На сите организатори на јавни настани им се препорачува своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести, се вели во соопштението од седницата на Владата.

Било констатирано дела досега преземените мерки, како и постојаниот мониторинг ги постигнаа очекуваните резултати, како и дека ситуацијата со превенцијата и контролата за да се спречи непосакуваното ширење на корона вирусот, се остваруваат целосно.

Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со корона вирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.

Исто така, Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.

Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со „Црвен Крст“и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.

На денешната седница Владата ја разгледа и информацијата за последиците од невремето со силниот ветер на 26 февруари и донесе заклучок да ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да покренат постапки за одговорноста за рушењето на фасадите и другите делови од јавните објекти, врз основа на увидот на стручните служби што го направија на оштетувањата на зградите на МЕПСО, на Владата, како и на другите објекти.