Владата преку јавен повик бара партнер за ХЕ „Чебрен“ што ќе инвестира 570 милиони евра


Владата преку меѓународен јавен повик што беше објавен денеска, бара партнер за изградба на хидроелектраната „Чебрен“ на Црна Река. Проектот е предвидено да се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, при што јавен партнер во име на државата ќе биде АД ЕСМ. Оваа компанија ќе треба да го изгради  пристапниот пат до електраната, приклучокот на мрежата, односно трафостаницата, како и хидроелектраната „Тиквеш“, а приватниот партнер ќе треба да обезбеди најмалку 570 милиони евра колку што се предвидени за изградба на „Чебрен“. За возврат, ќе добие концесија од 60 години за да управува со хидроелектраната. ЕСМ, односно државата, не вложуваат средства во изградба на електраната.

ХЕ „Чебрен“ е предвидено да има инсталирана моќ од 333 мегавати и годишно да произведува 1.000 гигават часови електрична енергија, што е околу 25 отсто од сегашното годишно производство на АД ЕСМ.

Како што беше речено денес на прес-конференција во Владата, дури седум реномирани странски компании пројавиле првичен интерес за да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна. Јавниот повик ќе биде отворен до 3 април, а за најдобар понудувач ќе биде избрана компанијата која на АД ЕСМ ќе му понуди најголем удел во заедничката фирма.

„Хидроелектраната ‘Чебрен’ ќе биде од огромно значење за балансирање на енергетскиот систем на земјава и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регулираниот пазар“, рече премиерот Оливер Спасовски. Тој додаде дека постои за „Чебрен“ постои „нагласен интерес кај енергетските компании од Европа и пошироко“.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека со јавниот повик се прави крупен чекор за реализација на значајниот инфраструктурен проект кој со години бил голем предизвик за нашата земја. Тој е сигурен дека може да се спроведе и дека државата има политичка волја, но и стручна подготвеност за тоа.

Тој додаде дека анализата со новите услови на пазарот што ја изработи ИФЦ покажала дека проектот е исплатлив. Зборувајќи за енергетската трансформација, Ковачевски нагласи дека „Чебрен“ ќе овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производство од оваа голема хидроцентрала.

„Кога ќе почне да работи ефектот ќе биде 913 илјади тони годишно помалку јаглерод диоксид испуштен во атмосферата“, нагласи Ковачевски. (Н.В.)