Владата предложи воведување на вонредна состојба


Премиерот Оливер Спасовски во име на Владата соопшти дека на денешната седница донеле одлука да побараат од претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Уставна основа има, прашање е само на политичка волја и подготвеност да се преземе политичка одговорност, порача Спасовски на прес конференцијата.

-Ова е вонредна ситуација затоа е потребна вонредна состојба,сега и ведаш, порача Спасовски.Според него досегашните мерки дале резултати, но сега треба да се заострат и да се радикализираат  за да се спречи поголем пик на епидемијата со корона вирусот. Бидејќи Собранието е распуштено Владата бара тоа да го стори претседателот за што според нејзина оценка постои уставна основа и тој може да прогласи вонредна состојба за 30 дена.

Спасовски исто така нагласи дека ова ќе биде првпат да се прогласува ваква вонредна состојба во земјата и дека таа одлука е потребна за да и се овозможи на Владата брзо и ефективно  да се справува со состојбата и да презема превентивни мерки. Тој оцени  дека сега не е време за политиканство и дека воведувањето на вонредна состојба не значи по автоматизам  рестрикција на движењето на граѓаните, односно дека такви одлуки ќе се носат на дневна основа, во зависност од состојбата.

Запрашан дали Владата планира полициски час, Спасовски одговори дека идните мерки ќе зависат од тоа колку се почитуваат препораките од страна на граѓаните. Затоа тој побара сите да видат на висина на ситуацијата и да покажат сопствена одговорност, а не да изнајмуваат вили, како што рече во Сопиште, и да прават журки или да продолжат да патуваат, како тие што пред четири дена заминале надвор заради туризам, и покрај спротивните препораки. Тој одговори и на поплаките на групата која синоќа беше сместена во Криволак и се пожали јавно на условите, порачувајќи дека секако условите не се најдобри но се можност за првична изолација, а десет биле бидејќи наспроти најавите дека ќе бидат 200, само тие дошле. И тоа со минибус, иако со мерките на Владата веќе е забранет превоз со автобуси и минибуси поради големата опасност така да се шири заразата.

-Ако сакаме комодитет треба да ги слушаме препораките, порача на крајот Спасовски.