Владата прати четири нови амбасадори, ги врати професионалните дипломати


Партискиот член Драган Ѓурчевски ќе биде нов амбасадор во Хрватска

 

Откако премиерот Христијан Мицкоски објави дека Игор Николов, функционер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен советник во Општина Бутел заминува за амбасадор во Франција, се објавија и имињата на три други идни амбасадори на Македонија во странство. Па, така, Андријана Цветковиќ  ќе биде новиот македонски амбасадор во Јапонија,  Драган Ѓурчевски ќе оди во Хрватска, а Димитар Блажевски  во Украина. Ѓурчевски како и Николов е партиски член на ВМРО-ДПМНЕ и водел активно прес конференции.

Андријана Цветковиќ е веќе позната во јавноста како наш прв амбасадор во Токио така што сега се враќа на истата позиција откако беше специјален советник на министерот за култура на Јапонија, Шун Токура и практично живее во Јапонија.

Најинтересен избор и меѓу најпартиските е тој на Ѓурчевски кој освен икони, фотографии од прес-конференции и крстови нема ништо друго на социјалните профили. Инаку бил директор на Агенцијата за млади и спорт и подоцна конзул на Македонија во Торонто.  

Андријана Цветковиќ се враќа на амбасадорската функција во Јапонија

Владата, освен именувања, донела и одлука за поведување на постапка за повлекување на десетина амбсадори: Светлана Гелева од Советот на Европа, Јакуп Реџепи од Босна и Херцеговина, Џенк Сејфула од Кралството Шведска, Методија Белевски од Кралството Белгија, Агнеза Руси Поповска од Бугарија, Емил Крстевски од Чешката Република, Пајо Авировиќ од должноста Шеф на Постојната мисија при Меѓународните организации,  Зеќир Рамчиловиќ од Црна Гора и Катерина Ставревска од Велика Британија и Северна Ирска. Станува збор главно за професионални дипломати со долг стаж во МНР на чие место очигледно се испраќаат партиски кадри или кадри блиски до актуелната власт. Сите се вратени со усвоеното собраниеско автентично толкување на Законот за МНР дека морале да рефереираат пред Комисијата за надворешна политика пред да заминат во странство, а тие тоа не го сторија бидејќи ја блокираше токму ВМРО-ДПМНЕ. ваквата одлука отвора простор за тужби во Стразбур и уисплаќање оштета од страна на државата.