Владата побара вонредна состојба до 22 јуни, Пендаровски веднаш донесе одлука


Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал - еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските

Владата на вечерашната 67-ма седница донесе заклучок да поднесе предлог до претседателот на државата Стево Пендаровски, врз основа на членот 125 од Уставот да утврди постоење на вонредна состојба за период од 8 дена, почнувајќи од денеска, 15 јуни, до 22 јуни.

„Предлогот се поднесува заради спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со  мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија прогласена од Светската здравствена организација што ја зафати и нашата држава“ , соопшти владината прес-служба.

Претседателот Стево Пендаровски веднаш потоа вечерва донесе нова одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава.

Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.

Политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули 2020 година.

По постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.

Во таа смисла претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.

Претседателот Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата.