Владата отфрла какво било мешање во работата на Историската комисија


Фото: Б. Грданоски
Владата и која било нејзина институција, ниту сега, ниту било кога, не влијаеле на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, соопштија оттаму по оставката на Ванчо Ѓорѓиев од членството во неа и обвинувањата што ги изнесе.

 
„Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа.  

Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или која било нејзина институција.

Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество.

Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата.  

Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија“, реагираат од Владата.                  
Оттаму велат дека ја почитуваат неговата одлука и му се заблагодарија на неговиот досегашен ангажман.