Владата одобри потпишување Меморандум за разбирање со ЕБОР за поддршка на членството во ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Владините министри на денешната седница ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата од потпишување Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој се однесува на соработката за поддршка на процесот за членство во Европската Унија.

– Соработката се фокусира на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и зајакнување на инвестициската клима и управување, соопшти владината Прес-служба.

Во соопштението се наведува дека со цел реализирање на четвртиот сет на економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, Владата донесе одлука Министерството за економија да префрли 60.000.000 денари од програма П1-Мерки за справување со КОВИД-19 кризата на посебна сметка на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје во Народна банка, како буџетски придонес за реализација на мерката бескаматни кредити со 30 отсто грант компонента за микро и мали претпријатија (ММП) преку Развојната банка.

– Преку оваа мерка ќе се воведе нова бескаматна кредитна линија која ќе биде лансирана со грант средства од Европската унија. Кредитната линија ќе биде отворена за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди 30 отсто грант за компаниите кои се водени или основани од жена, кои вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење, се додава во соопштението.

Вкупниот износ на средства за реализација на оваа мерка изнесува 1,9 милијарди денари (31 милион евра) од кои 30 милиони евра ќе се обезбедат преку Делегацијата на Европска Унија, а 60 милиони денари (околу еден милион евра) се национално кофинансирање буџетирани од П1 КОВИД програмата во Министерство за економија.

На предлог на Министерството за надворешни работи беше усвоен и предлогот на Закон за ратификација на Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа, кој заедно со останатите предлог-закони ќе биде доставен во Собранието на Северна Македонија.

– Со примената на Дополнителниот протокол 6 кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа ќе се овозможи отворање нови пазари за нашите компании во услужните дејности, привлекување на странски инвестиции, трансфер на технологијата, создавање на нови работни места, како и обезбедување на поголема диверзификација и квалитет на услугите. Со Дополнителниот Протокол 6 за трговија со услуги кон  Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа  се уредува трговијата со услуги меѓу земјите членки на ЦЕФТА и се либерализираат пазарите за услуги на земјите членки на ЦЕФТА во согласност со утврдениот распоред на преземените обврски на земјите членки на ЦЕФТА и во согласност со прописите на Светската трговска организација (СТО), информираат од Владата.