Владата одлучува дали ќе се изградат 14 базени

Владата на Република Северна Македонија утре ќе ја одржи 129-тата седница со повеќе точки на дневен ред од Програмата за работа на Владата и од интерес на граѓаните.

На оваа седница Владата на РСМ ќе донесе мислење за Информацијата за реализација на Проектот за изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија, на предлог на Агенцијата за млади и спорт.

Министерството за локална самоуправа на оваа седница на Владата ќе ја презентира Информацијата за спроведувањето на активностите за поддршка на приватниот сектор од страна на Центрите за развој на планските региони – Регионални бизнис центри, во надлежност на Министерството за локална самоуправа.
На седницата ќе биде разгледана и Информацијата за учество на македонската делегација на 8-от Самит на шефови на влади на процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Собранието на Република Северна Македонија за мислење на Владата на РСМ ја достави Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност.

На оваа седница ќе биде разгледана и Информацијата за распределба на средства од Програма за распределба на средства од игри на среќа и забавни игри за 2019 година за финансирање на националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт за унапредување на спортот во Република Северна Македонија, како и Информацијата за имплементацијата на Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор за периодот 2018-2020 година, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација.