Владата одлучи статусот на приватните специјализанти да го решава по избори – продолжуваат со штрајк


На вчерашната седница Владата донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите, со предлог-законски решенија кои ќе ги предвидат нивните севкупни права и одговорности. Специјализантите не ја прифажаат оваа одлука, па денеска продолжуваат со штрајкот.

Околу 400 приватни специјализанти два дена се во генерален штрајк. Бараат нивниот месечен надоместок да биде поголем од 26.000 денари, да имаат здравствено осигурување и да се реши статусот на невработени лица.

Во понеделникот беа повикани на средба со министерот за здравство Илир Демири на која побараа писмена гаранција за исполнување на барањата по изборите, доколку тоа не е можно сега.

„Од наша страна предложивме дека доколку проблемот е во пред-изборниот период и тоа што функционира техничка влада, Министерството за здравство да побара мислење од Анти-корупциска комисија и Државна-изборна комисија“, кажаа по средбата приватните специјализанти.

Демири ги поддржува во нивните барања, но за медиумите рече дека штрајкот има политичка заднина, поради тоа што специјализнатите ги поставувале барањата, пред избори.

Специјализантите го демантираа овој став и соопштија дека барањата ги проследиле пред неколку месеци, и штрајкуваат бидејќи никој од претходните министри не сакал да го реши нивниот проблем.

„Дополнително придонес кон зголемување на нашето незадоволство придонесе и фактот дека бевме заборавени од сите покачувања кои ги опфатија вработените во јавните здравствени установи“, велат тие.

Специјализантите кои сами плаќаат за сопствена специјализација штрајкот го продолжуваат и денес, со став дека одлуката на владата не исполнува ниту едно од барањата.

По објавувањето на одлуката на Владата, тие соопштија дека штрајкот продолжува и денес.

„Ниту едно од нашите барање не е решено и само се употребени истите лажни ветувања кои ги имаме слушнато веќе неколку пати. Ниту Владата ниту Министерството не побараа мислење од ДКСК и ДИК , дали може да се исполни некое од нашите барања, како што и на самата средба беше предложено од наша страна. Што значи дека во моментов нема желба од нивна страна за решавање на нашите проблеми“, децидни се тие.