Маричиќ: Уставните измени за Бугарите се најлесни досега
Се уште немаме утврдено календар или динамика за уставите измени со кои во Преамбулата на Уставот треба да ги внесеме Бугарите и другите заинтересирани заедници, но тоа треба да го завршиме најдоцна до крајот на процесот на скринингот и од нас ќе зависи дали ќе застанеме тука или ќе продолжиме со преговорите по поглавјата и кластерите, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Внимателно ќе ги разгледаме околностите и начинот на кој што би го отвориле дијалогот во Собранието и целта на отворање на процесот на уставните измени е тие да завршат успешно. Во моментот кога ќе тргне дијалогот во Собранието и меѓу политичките партии, ќе го утврдиме ова прашања, а тоа секако ќе биде по летниот одмор на Собранието и ќе може тогаш да говориме за точен календар. Нам ни е најважно ниту да одиме пребрзо, ниту да доцниме, туку тој процес да има позитивен исход, истакна вицепремиерот во одговор на новинарско прашање за динамиката на предвидените уставни измени согласно францускиот предлог.
Тој потенцира дека уставните измени се важни за да можеме да го продолжиме процесот на преговори, без дополнителни политички одлуки на Советот на ЕУ, потенцирајќи дека во однос на ова прашање ќе бидат консултирани експерти по уставно право, кои учествувале и во претходните фази од измените на Уставот.
– Секако, дека тој процес ќе започне со иницијатива на Владата за уставни измени, како што започна и за Преспанскиот договор. Во моментот кога ќе се утврди текстот и потребата, ќе тргнеме во тој процес, но најважно е да создадеме една атмосфера во која што нема да се повтори онаа слика од Собранието од минатата недела, која што не овозможуваше ниту услови за дијалог, ниту за нормална размена на аргументи, истакна Маричиќ.
Идејата е за тој процес да се води отворена и јавна расправа, со вклучување на чинителите задолжени за спроведување на измените, како и на претставници на задниците што треба да бидат вклучени во Уставот.
– Во содржинска смисла овие уставни измени би биле најлесни од сите, бидејќи веќе имаме седум заедници во Уставот и треба да додадеме уште најмалку три или уште колку ќе решиме. Не гледам зошто некој би имал против, бидејќи нашиот уставен концепт дозволува заедниците да бидат спомнати во Уставот и од тоа да црпат одредени права базирани на Охридскиот договор, истакна Маричиќ.
Тој потенцира дека немаме рок за спроведување на уставните измени, а датумот ноември 2023 е утврден како временска рамка за завршување на скринингот и дури ако дотогаш завршат сите скрининзи, бидат усвоени извештаите на Советот на ЕУ и бидат утврдени реперите за отворање на кластерите, за да одиме во наредна фаза ќе мораме да ја завршиме промената на Уставот.
– Дали ќе го направиме тоа до ноември 2023 или по ноември 2023 зависи од нас и од расположението во Собранието. Мислам дека наш интерес е тоа да се случи што побрзо за да го тргнеме како задача и да немаме друга до наредната меѓувладина конференција. Динамиката се уште не е определена, но ќе има доволно време најпрво да се вразуми дебатата, да имаме простор за аргументација, за размена на идеи и вистински политички дијалог со сите политички партии и пратеници во Собранието, за да имаме атмосфера за остварување на потребното двотретинско мнозинство, рече вицепремиерот.
Тој потенцира дека тоа нема да биде лесно, но дека секоја партија и секој пратеник имаат одговорност да донесат одлука дали ќе застанеме на крајот на скринингот или ќе продолжиме со преговорите со отворање на поглавјата и кластерите.