Владата ниту се мешала, ниту ќе се меша, во ниту една заедница, па ни во ИВЗ

Владата ниту се мешала, ниту има намера, ниту ќе се меша, во ниту една заедница, па и во ИВЗ. За нас поглавар на ИВЗ е оној кој со Уставот и законите на ИВЗ тоа го утврдуваат. Не е наше да толкуваме или да навлегуваме во тоа, рече премиерот Зоран Заев запрашан за обвинувањата за вмешаност на владата во превирањата во ИВЗ.

-Државта нема намера да се меша затоа што секуларниот карактер на нашиот Устав е јасен. Ќе го почитуваме сетоа тоа што верниците во секоја верска заедница ќе го одлучат, рече Заев на прес-конференцијата по повод претстојната посета на папата Франциск на државата.

Тој рече дека нема да си дозволи да коментира детали во врска со судската одлука оти тоа е, како што вели, право на поглаварот на ИВЗ.

-Моја работа е да им служам на граѓаните, јас сум политичар, претседател на Владата. Работа на реисот е да им служи на верниците со исламска вероисповед и апсолутно ние сме повикани да соработуваме во делокругот на она што значи граѓани, без оглед дали се верници. Треба да соработуваме и верувам дека ќе продолжиме да соработуваме. Ниту сум помислил, ниту ќе помислам, ниту кој било треба да помисли политиката да се меша во верските заедници. Тие имаат свои закони и устави и тоа што ќе одлучат треба да се почитува, вели Заев.

Според него, важно е институциите на системот да функционираат и оти вистината и правдата ќе излезат на виделина.